Кардинал Паролин е знак за близината на Папата со Украина

Кардинал Паролин е знак за близината на Папата со Украина

Државниот секретар, кардиналот Пиетро Паролин, престојува во Украина од 19 до 21 јули, ќе го предводи литугиското славење во склоп на ходочестието на верниците во маријанското светилиште Бердичив. Патувањето беше обележано со молитва, изјави тој за ватиканските медиуми, како и со надежта „дека може да се најдат начини за брзо завршување на конфликтот“.

Посетата на кардиналот Паролин започна со средба во Лавов со претставници на црковните и граѓанските власти. Државниот секретар пристигна во доцните попладневни часови, придружуван од апостолскиот нунциј во Украина Висвалдас Кулбокас. По поздравот, кардиналот Паролин даде изјава за ватиканските медиуми, во која кажа дека Папата го назначил за свој посебен претставник по повод ходочестието и издигнувањето на тоа маријанско светилиште во чест на мала базилика. „Значи, првата причина е да го споделиме со верниците славењето и молитвата кои, секако, пред сè ќе биде молитва за мир, молитва издигната до Богородица за таа конечно да и подари мир на оваа земја, што Светиот Отец ја дефинира како „страдална“. Тоа е и можност за средба со државните власти, што вклучува и можна средба со украинскиот претседател. „Се разбира, верувам дека ќе има разговори за мир, за можни перспективи за мир“, рече кардиналот.

„Оваа посета – нагласува државниот секретар Паролин – е уште еден израз на вниманието што Светиот Отец продолжува да го покажува кон Украина“. Тука се „големите надежи за мир“ на Папата: „од почетокот на војната, Папата се обидува да најде начин да заврши војната, она што конечно се нарекува „праведен мир“, истакна кардиналот.

Државниот секретар ја изрази својата загриженост за ситуацијата во Украина и ја повтори својата посветеност на „изнаоѓање мирно решение за постигнување на праведен мир за кој зборував“. Осврнувајќи се на досегашните напори на кардиналот Матео Зупи во таа земја и во Москва, рече дека еден начин да се постигне мир е преку хуманитарно залагање.

Епископот на Луцак, монс. Виталиј Скомаровскиј за ватиканските медиуми се осврна за доаѓањето на кардиналот Паролин во земјава. Доаѓањето на Папскиот делегат  и заедничката молитва пред сѐ е знак дека Господ се грижи за нив, рече тој. „Гледаме дека иако помина многу време – две и пол години од почетокот на војната – фала му на Бога, луѓето ширум светот не ја забораваат Украина. Тие би можеле да бидат уморни, но не се, ни помагаат на многу начини; цели држави и народи се солидаризираат со нас, вклучително и Светиот Престол. Ова е знак и дека Папата е блиску до нас и го испраќа својот најблизок соработник како пратеник да биде со нас, покажувајќи дека и тој е близок со нас во своето срце, дека се моли за нас“.

Зборувајќи за значењето на светилиштето во Бердичив за украинските верници, тој објасни дека неговата историја датира од почетокот на 17 век. Киевскиот војвода Тишкевич, додека бил заробен, сонувал како монаси молат за негово ослободување пред иконата на Богородица. По враќањето им ја подарил земјата на Кармелитите за да можат да изградат светилиште, а таму била донесена икона на Богородица. „Во текот на историјата ова место доживуваше различни ситуации и припаѓаше на различни држави. Тоа беше време на просперитет и уништување, но секогаш, дури и во советско време, овој празник во чест на Богородица бил зачуван“, објасни владиката Скомаровски.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот