Папата Фрањо го напиша предговорот за книгата „Жените и службите во синодалната Црква“ и ги допира темите за жените, службите, синодалноста и трагедијата на злоупотребата.
Автори на книгата се двајца кардинали: Надбискупот на Луксембург и главен известувач на Синодата Жан-Клод Холерих и Шон Патрик О’Мали, претседател на Папската комисија за заштита на малолетниците. Заедно со нив, книгата ја напишаа теолозите: професорката по Христологија и Мариологија, салезијанката Линда Почер, англиканскиот бискуп Џо Б. Велс и Џулива ди Бернардино, член на Ордо Вирџинум од бискупијата Верона. Книгата е еден вид „книжевен“ дијалог меѓу авторите, а се заснова на вистинска дискусија меѓу Папата и Советот на кардиналите во февруари. Имено, тоа беше првпат Светиот Отец да покани три жени теолози да учествуваат на средбата, давајќи предлози и поттик на темата за улогата на жената во Црквата. Новата книга се надоврзува на претходната работа на сестра Почер и други автори со наслов „Демаскулизирање на црквата“, термин кој првпат го користеше папата Фрањо за време на аудиенција со Меѓународната теолошка комисија.
Предговорот на Папата го објави L’Osservatore Romano на 12 јули, а во текстот тој се приклучува на размислувањето за темата. Тој нагласува дека кризата со злоупотребата ја истакна потребата за справување со клерикализмот, кој не ги погодува само ракоположените, туку претставува пошироко прашање на злоупотреба на моќта внатре во Црквата, што ги погодува и мирјаните и жените.
„Слушањето на радостите и страдањата на жените сигурно е начин да се отвориме кон реалноста“, пишува папата Фрањо. „Слушајќи ги без осудување и без предрасуди, разбираме дека на многу места и во многу ситуации тие страдаат токму поради непризнавањето на тоа што се и тоа што го прават, но и поради тоа што би можеле да прават и да бидат само ако би имале простор и можности. Жените кои најмногу страдаат често се оние кои се најблиски, оние кои се најдостапни, подготвени да Му служат на Бога и Неговото Царство“.
Папата затоа апелира да се гледа реалноста, а не идеите, за да се избегне паѓање во „замката“ да се смета верноста на идеите поважна од вниманието на фактичката ситуација. Новата книга тргнува токму од слушање на реалноста, од „мудро толкување на искуството на жената во Црквата“, забележува Светиот Отец.
За улогата на жената се зборува и во неодамна објавениот работен документ за претстојната октомвриска седница на Синодата. Документот ја нагласува потребата од поголемо признавање на женските дарови и звања, залагајќи се за промена на менталитетот кон порелациски, кон меѓусебен и взаемен поглед на мажите и жените како браќа и сестри во Христа, обединети во посланието на Црквата.
Кардиналот Марио Греч, генерален секретар на Синодата, истакнува дека на седницата нема да се расправа за прашањето за женскиот ѓаконат, бидејќи тоа е тема на една од студиските групи формирани од Папата за подлабоко теолошко и пасторално размислување. Ова прашање беше доверено на Дикастеријата за наука на верата во контекст на поширокото прашање на службите, во соработка со генералниот секретаријат на Синодата.
Ватикан њуз/к.мк