Папата до вработените во Италијанската радио телевизија (РАИ): Информациите и забавата нека шират вистина, вредности и убавина
Папата Фрањо ги прими членовите на управниот одбор и персоналот на РАИ- по повод 70-годишнината на телевизијата и 100-годишнината од радиото и посака услугата што ја даваат да биде одговор на потребите на граѓаните, во духот на општата отвореност, гарантирајќи плурализам кој почитува различни мислења и извори, против секоја лажна вест. Нека различните изрази на кинематографијата, фикцијата, културата, забавата и спортот ја промовираат перспективата на доброто.
Два јубилеи кои поттикнуваат да се погледне во минатото и да се проектира кон иднината, имајќи предвид дека секој живот е поврзан со други, на глобално ниво; станува збор за седумдесет години телевизија и сто години радио кои Италијанската радио-телевизија (РАИ) ги слави годинава, а тоа е причината поради која папата Фрањо ги прими членовите на управниот одбор и вработените во таа институција во аудиенција во салата Павле VI на 23 март 2024 година.
На почетокот на говорот Папата најнапред истакна дека медиумите влијаат на нашиот идентитет и на добро и на лошо, а се фокусираше на јавната услуга што ја дава таа компанија. Тој истакна дека целта на работата на италијанската радио-телевизија, како сервис, е пред сѐ да одговори на потребите на граѓаните, во духот на универзалната отвореност и почитување и унапредување на достоинството на секој човек. Токму поради оваа причина, таа е придонес за вистината и општото добро кое поприма точно одредени аспекти во информациите, забавата, културата и технологијата.
На полето на информирањето, да служиш всушност значи да ја бараш и промовираш вистината, целата вистина, на пример со спротивставување на ширењето лажни вести и на подмолниот план на оние кои се обидуваат идеолошки да влијаат врз јавното мислење, лажејќи и делејќи го општественото ткиво. Вистината е една, складна е, не може да се дели со лични интереси. Тоа значи дека треба да се избегнува секое погрешно намалување, притоа не заборавајте дека вистината е „симфониска“ и дека најдобро е ако научиме да слушаме различни гласови – како во хор – наместо секогаш и само да ја извикуваме сопствената идеја.
Точно информирање што ја почитува различноста на мислењата
Да се служи, за РАИ, значи и да им се понудат на граѓаните точни информации, пренесени без предрасуди и без избрзани заклучоци – истакна Папата и додаде – одвојување време потребно за разбирање и размислување и борејќи се против когнитивното загадување, така што информирањето би било – како што рече – „еколошко“. Дополнително, треба да се стремиме да гарантираме плурализам кој ги почитува различните мислења и извори, бидејќи вистината се предлага, никогаш не се наметнува. Затоа Светиот Отец поттикна на негување на дијалог и плетење нишки на единство.
За да го поттикнеме дијалогот, треба да слушаме. Често гледаме дека слушањето е подготовка за давање одговор; тоа не е вистинско слушање: да се размислува за сопственото гледиште без да се прима туѓото.
Различни јазици на комуникација
Римскиот бискуп потоа потсети дека јавната служба се однесува и на различни јазици на комуникација, односно кинематографија, фикција, ТВ серии, културни и забавни програми, спортски и детски емисии и поттикна да се предложат позитивни вредности во овие области.
Во нашево време, богато со технологија, но понекогаш сиромашно со човечност, важно е да се промовира потрагата по убавината, да се иницира динамиката на солидарноста, да се заштити слободата, да се работи така што секој уметнички израз им помага на сите да се издигнат, да размислуваат, да бидат трогнати, да се насмеат и да плачат од трогнување, за да ја најдат смислата на животот, перспективата на доброто, значење кое не е предавање на најлошото.
Ограничете ги штетните аспекти на вештачката интелигенција
Во однос на техниката и технологијата, папата Фрањо повтори, како што веќе истакна во својата порака за овогодинешниот Светски ден на социјалните комуникации, дека е неопходно да се предложат модели на етичко регулирање со цел да се ограничат штетните и дискриминаторските, социјално неправедните аспекти на системите за вештачка интелигенција и со цел да се спротивстави на нивната употреба во намалувањето на плурализмот, во поларизацијата на јавното мислење или во изградбата на единствена мисла.
Услуга поврзана со општото добро
Бидејќи работата на РАИ е јавна служба, Папата истакна дека тоа е работа поврзана со општото добро на сите, затоа бара да се земе предвид и да се даде глас особено на најмалите, најсиромашните, оние кои немаат глас, оние кои се отфрлени и исто така подразбира повик да се биде инструмент за раст на знаењето, да се поттикне размислувањето, а не отуѓувањето, и да се отворат нови перспективи на реалноста, да се подигнат младите да сонуваат големи соништа, со отворени умови и очи. Затоа што – поттикна папата Фрањо – никогаш не смееме да ја изгубиме способноста за сонување, и за големи соништа.
Не треба да се стремите кон поголема гледаност и слушаност на сметка на содржината: станува збор за градење, преку вашата понуда, широка побарувачка за квалитет. Дополнително, комуникацијата, токму како дијалог за доброто на сите, може да игра фундаментална улога во нашево време и во повторното плетење на општествено виталните вредности како што се граѓанството и учеството.
Комуникацијата е секогаш изненадување
РАИ не смее да биде „катедра што знае сѐ“ – истакна Папата – туку група пријатели кои тропаат на вратата за да нѐ изненадат, бидејќи вистинската комуникација е секогаш изненадување, мора да изненади. Затоа, италијанското радио и телевизија треба да пружат друштво, да споделуваат радости и таги, да промовираат единство и помирување во семејството и општеството, слушање и дијалог, треба да информираат и слушаат, со почит и понизност. Ова е начинот на кој треба да се оди – истакна папата Фрањо.
По завршниот благослов, тој се пошегува дека во минатото Папите користеле ‘sedia gestatoria’, односно папска носилка, додека денес – рече – работите се движат напред и јас го користам ова, кој е многу практичен! – рече покажувајќи кон инвалидската количка.
Ватикан њуз/к.мк