Папата Фрањо ја предводеше полноќната божиќната света Литургија во базиликата Свети Петар, вечерта на 24 декември 2023 година и истакна дека „чудото на Божиќ“ е тоа што бесконечниот Бог „станува конечен заради нас“.
„Попис насите жители.
Така, папата Фрањо ја започна својата проповед на полноќната божиќна света Литургија во базиликата Свети Петар цитирајќи директно од Евангелието по Свети Лука.
Евангелистот, напомена Папата, го нагласува овој попис, кој можел да го спомене и само попатно.
Така, се појавува силен контраст: „Додека царот ги брои жителите на светот, Бог влегува во него речиси скришум. Додека оние што се на власт сакаат да го заземат своето место покрај великаните на историјата, царот на историјата го избира патот на маленкоста“.
„Никој од моќниците не обрнува внимание на него“, истакна Папата: „Само неколку пастири, потиснати на маргините на општествениот живот“.
Воплотение, а не достигнување
Царскиот „попис на сите жители“, рече папата Фрањо, на тој начин „пројавува премногу човечка нишка што се провлекува низ историјата: потрагата по светска моќ и положба, популарност и слава, која мери сè во смисла на успех, резултати, бројки и ефекти, свет опседнат од достигнувања“.
Меѓутоа, постои алтернатива на овој пристап. Папата рече дека Исус „не е бог на достигнувањата, туку Бог на воплотението“.
„Не ја отстранува неправдата одозгора покажувајќи сила“, истакна папата Фрањо, „туку одоздола, покажувајќи љубов“. Тој не излегува на сцената со неограничена сила, туку се спушта во тесните рамки на нашите животи“.
Во неговата големина, стана мал
Затоа, поттикна папата Фрањо, да ги задржиме очите насочени во „живиот и вистински Бог“.
Тој е Бог, рече Папата, кој „ја револуционизира историјата станувајќи дел од историјата“, и Бог кој „толку нѐ почитува што ни дозволува да го отфрлиме; кој го отстранува гревот земајќи го врз себе“.
„Бог толку многу силно сака да ги прегрне нашите животи“, додаде Папата, и покрај тоа што „е бесконечен, тој станува ограничен заради нас“. Во својата големина, тој одлучи да стане мал; во својата праведност тој се покорува на нашата неправда“.
„Тоа е чудото на Божиќ“, нагласи папата Фрањо.
Војна во Светата Земја
Папата своите мисли ги насочи и кон Светата Земја, која моментално е погодена од израелско-палестинскиот конфликт, а посебно кон Витлеем, градот на Исусовото раѓање.
„Вечерва“, рече Светиот Отец, „нашите срца се во Витлеем, каде што Кнезот на мирот повторно е отфрлен од бесмислената логика на војната, од ѕвекотот на оружјето што и денес го спречува да најде место во светот“.
Проповедта папата Фрањо ја заврши со молитва.
„Вечерва љубовта ја менува историјата. Дај ни да веруваме, Господи, со силата на твојата љубов, која е многу поразлична од силата на светот. Направи како Марија, Јосиф, пастирите и мудреците околу тебе да се собереме и ти се поклониме. Додека сè повеќе не прилагодуваш на себе, ќе бидеме сведоци во светот за убавината на твоето лице.“
Ватикан њуз/к.мк