Веб документарната серија за делата на милосрдието на папата Фрањо стигна до четвртата епизода, зборува за „надежта на четири тркала“ која оди на периферијата на Рим.
Дикастеријата за комуникација сними неколку краткометражни документарни филмови за делата на милосрдието на папата Фрањо. Протагонист на четвртото, последно дело е Маурицио Кимино болничар во ватиканската Управа за здравство и хигиена кој дава прва помош во текот на аудиенциите на Папата и за време на други настани. Маурицио е татко на три деца кој потврдно одговори на проектот „Солидарна медицина“, насочен кон оние во потреба и остварен благодарение на поддршката на Папската милостилница.
4.000 километри за две години
Во склоп на спомнатиот проект Маурицио е често зад воланот на амбулантата на тркала која некогаш служела како возило за брза помош. Заедно со соработниците ги посетува најсиромашните во градот Рим за да им овозможи бесплатен лекарски преглед и за да им подели храна и основни работи. Во последните две години со групата лекари и волонтери со возилото поминал повеќе од 4.000 километри одејќи на перифериите на Рим, во ромски населби, напуштени хотели и фабрики кои на бездомниците им служат за засолниште, во подруми и разни други живеалишта кои служат како дом за цели семејства.
Сведоштвото на Адам
Еден од бројните луѓе на кои Маурицио со своите соработници им помага е Адам, кој во Рим живее од 2003 година и има статус на политички бегалец. На него и на другите бегалци од кои поголемиот дел се Суданци, италијанските власти ги истерале од напуштената зграда која им служела како засолниште и се нашле на улица. Во таквата ситуација многу им значела помошта која им ја давале Маурицио и неговите соработници и Адам заради тоа е благодарен на оние кои му помагаат и на папата Фрањо.
Убавината на помагањето
Маурицио се сретнал со многу животни приказни како таа на Адам, па во врска со тоа рекол дека понекогаш му доаѓа да заплаче. Би сакал да им помогнам на сите, а посебно на децата. Вистина е дека им даваме лекови, храна, играчки, облека, но всушност тие се оние кои нас нè обдаруваат – рече Маурицио и додаде дека секогаш на заминување им се заблагодарува.
Човечката топлина и солидарност за Божиќ
Маурицио и овие денови ќе ги посетува најсиромашните во градот Рим и покрај храната и вообичаените основни средства ќе им подели и подароци, колачи и разни слатки за и тие за Божиќ да почувствуваат малку радост и човечка топлина.
Ватикан њуз/к.мк