Папата: Не останувајте затворени во проблемите

Папата: Не останувајте затворени во проблемите

Бидете будни и молете се!

Не останувајте затворени во проблемите на сопствениот живот – рече папата Фрањо на плоштадот Свети Петар во Ватикан пред молитвата Ангел Господов на 2 декември 2018 година. Денес започнува Божиќниот пост, литургиско време кое нè подготвува за Божиќ, повикувајќи нè да го подигнеме погледот и да го отвориме срцето за да го прифатиме Исус – рече Папата и истакна: Во Божиќниот пост не го очекуваме само Божиќ, туку исто така сме повикани да го продлабочиме во себе очекувањето на славното Христово враќање на крајот од времињата, подготвувајќи се за конечната средба со Него со доследни и храбри избори. Да мислиме на Божиќ, да го очекуваме славното Христово враќање и својата лична средба со Него, односно денот кога Господ ќе нè повика – рече папата Фрањо.

Во текот на идните четири недели повикани сме да излеземе од вообичаениот и рамнодушен начин на живот и да ја негуваме надежта и соништата за нова иднина – рече Светиот Отец и продолжи: Евангелието за денешната Литургија (Лука 21,25-28.34-36) оди токму во таа насока и нè предупредува да не попуштиме на притисокот на себичниот начин на живот и грчевитиот ритам на секојдневието. Одекнуваат Исусовите продорни зборови: „Само пазете се: вашите срца да не бидат оптоварени со прејадување и пијанство, и грижа за овој свет, за да не ве затече оној ден ненадејно; оти тој ќе дојде како примка за сите што живеат по целата земја; бидете будни во секое време и молете се.“ (Лука 21, 34-36)

Бидете будни и молете се – повтори папата Фрањо и нагласи – Така треба да се живее времето од денес до Божиќ. Бидете будни и молете се! Нашата внатрешност секогаш спие кога се свртуваме околу себе и кога се затвораме во своите животни проблеми, радости и болки. Да се свртуваш секогаш околу себе, тоа изморува, досадно е и ја гуши надежта. Во тоа се наоѓа коренот на вкочанетоста и мрзеливоста за кои говори Евангелието. Божиќниот пост нè повикува да бидеме будни и да гледаме надвор од себе ширејќи го својот ум и срцето за да се отвориме за потребите на луѓето и браќата, и за желбите за нов свет. Тие се желбите на многу народи измачени од глад, неправда и војна; тие се желбите на сиромашните, слабите и напуштените.

Божиќниот пост е соодветно време за да го отвориме своето срце поставувајќи си конкретни прашања, како и на што го трошам својот живот? – рече Папата и напомена: За добро да го живееме времето на очекувањето на Господ, потребна е молитва. „Исправете се и подигнете ги главите свои, зашто се приближува вашето спасение.“ (Лука 21, 28) Потребно е да се стане и да се моли насочувајќи ги своите мисли и срцето кон Исус Кој доаѓа. Стануваме кога очекуваме нешто или некого. Го чекаме Исус и сакаме да го очекуваме во молитвата која е тесно поврзана со будноста – рече папата Фрањо.

Потребно е да се моли, да се очекува Исус, да се отвораме за другите и да бдееме, а не да се затвораме во себе – рече Светиот Отец и додаде: Но, ако мислиме на Божиќ под маската на конзумеризмот гледајќи што можеме да купиме за да го направиме ова или она, и како на световно славење, Исус ќе помине и нема да го сретнеме. Да го чекаме Исус и да сакаме да го очекуваме во молитвата која е тесно поврзана со будноста.

Но, што е целта на нашето молитвено очекување? – праша папата Фрањо и одговори: Посебно пророците го покажале во Библијата. Денес го слушаме пророкот Јеремија кој остро му зборува на народот искушуван од прогонството кој ризикува да го загуби сопствениот идентитет. И ние христијаните кои исто така сме Божји народ ризикуваме да го преземеме световниот начин на живот и да го загубиме својот идентитет, уште повеќе да го паганизираме христијанскиот начин. Затоа ни е потребно Божјото Слово кое преку пророкот ни навестува: „Еве настапуваат дни, вели Господ, кога ќе го исполнам ова добро слово, што го изреков за домот Израилев и за домот на Јуда. Во тие дни и во тоа време ќе благословам на Давида да му израсте Подмладок на правдата, и Он ќе изврши суд и правда на земјата“ (Јеремија 33, 14-15).

Нека Блажена Дева Марија ни дарува став на очекување и молитва, нека ни помогне да ја зацврстиме надежта во ветувањето на својот Син Исус дека низ неволјите  во животот Бог останува верен и се служи со нашите човечки грешки за да ни го покаже своето милосрдие – заврши Папата.

Ватикан њуз/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот