Желбата за моќ и слава е најчестиот начин на однесување на оние кои не успеваат да го излекуваат сеќавањето на својата историја, а можеби и заради тоа не прифаќаат, ниту работат за сегашноста.
Да го излекуваме сеќавањето на својата историја за да ја градиме сегашноста – рече папата Фрањо пред повеќе од 100 илјади верници во „Сантакос Парк“ во Каунас на првата света Литургија во текот на својата Апостолска посета на Литванија и другите балтички земји.
Мора да бидеме Црква која излегува, не смееме да се плашиме да излеземе и да се трошиме, па и тогаш кога ни изгледа дека исчезнуваме; не смееме да ги изгубиме најмалите, заборавените и оние кои живеат на перифериите на општеството. Мораме да го излекуваме сеќавањето на својата историја, на Сибир, на гетата во Вилнус и Каунас, на окупацијата и депортацијата, за да ја градиме сегашноста – рече Папата во проповедта и посебно се осврна на Евангелието од денешната Литургија кое зборува за Исус како ги поучува своите ученици.
Исус сакал неговите ученици да го обноват својот избор, знаејќи дека наследувањето опфаќа моменти на искушенија и страдање – рече Светиот Отец и нагласи: Христијанскиот живот секогаш поминува низ страдање и често изгледа како тоа да нема крај. Минатите генерации го имале втиснато во сеќавањето времето на окупација и депортација. Страдале заради оние кои не се враќале, трпеле заради срамот на поткажувањето и предавството.
Колку од вас би можеле да зборуваат за својата историја или за историјата на некој роднина; колку од вас почувствувале дека попуштила вашата вера затоа што Бог не дошол за да ве одбрани, затоа што не било доволно да останете верни за Он да дојде во вашиот живот – рече папата Фрањо и додаде: Каунас ја познава таа реалност, тоа може да го посведочи и цела Литванија додека трпери само на споменот на Сибир, гетото во Вилнус и Каунас.
Цитирајќи го апостол Јаков кој зборува за оние кои „убивате и завидувате, и не можете да добиете; се препирате и војувате,“ Папата објасни дека учениците не сакале Исус да им зборува за страдањето и крстот, не сакале ништо да знаат за искушенијата и болките. Се враќале во своите домови расправајќи се кој е најголемиот.
Желбата за моќ и слава е најчестиот начин на однесување на оние кои не успеваат да го излекуваат сеќавањето на својата историја , а можеби и заради тоа не прифаќаат, ниту работат за сегашноста – истакна папата Фрањо и рече – затоа се расправаат за тоа кој најмногу заблескал, кој во минатото бил најчистиот и кој има повеќе право на привилегии од другите
Така ја „негираме својата историја“ – рече Светио Отец и продолжи цитирајќи од „Evangelii Gaudium“ – која е славна доколку е историја на жртви, надежи, секојдневни борби, трошење на животот во служењето и во истрајноста во напорната работа. Неплодно и празно однесување е тоа кое одбива да учествува во градењето на сегашноста, губејќи допир со реалното страдање на својот верен народ.
Не можеме да бидеме како оние духовни „стручњаци“ кои судат само однадвор и го поминуваат целото време зборувајќи за тоа „што би требало да се прави“. Пред да започне да им зборува на учениците, Исус поставил едно дете во средината. Кого ќе се стави во средина овде? – праша Папата и продолжи: Кои се тие најмали и најсиромашни меѓу нас кои мора да ги прифатиме? Кои се тие кои ништо не можат да ни вратат, ниту да ни се заблагодарат за нашите напори и откажувања? Можеби тие се етничките малцинства во нашиот град или невработените кои се присилени да се иселат? Можеби тие се осамените стари луѓе, или младите кои не наоѓаат смисла во животот затоа што ги изгубиле своите корени?
Ако тие се во средина никој не може да се преправа дека не ги гледа, никој не може да тврди дека тоа е одговорност на другите – објасни Светиот Отец и истакна: Мора да бидеме Црква која излегува, која не се плаши да излезе и да се троши, па и тогаш кога ни изгледа дека исчезнуваме, не смееме да ги изгубиме најмалите и заборавените и оние кои живеат на перифериите на општеството. Но, треба да бидеме свесни дека тоа „излегување“ во некои случаи го запира нашиот чекор; мора да знаеме да се ставиме на страната на болката и итните потреби за да можеме да гледаме во очи; да слушаме и да ги придружуваме оние кои останале на патот.
Да го прифатиме Исуса во Неговото Слово, во Евхаристијата и во малите за Тој да го помири нашето сеќавање и да нѐ придружува во сегашноста која продолжува да нѐ воодушевува со своите предизвици и знаци кои ни ги дава; за да ги чувствуваме како свои радостите и надежите, жалостите и болките на луѓето од нашето време, посебно оние сиромашните и оние кои страдаат; за да бидеме солидарни со луѓето од овој град, од цела Литванија и со нејзината историја. Сакаме да го даруваме својот живот во служењето и радоста, и така да ги запознаеме сите дека Исус Христос е нашата единствена надеж – заврши папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк