Владата на Башар ал-Асад е решена да започне напад со поддршка на сојузниците врз бунтовниците во покраината Идлиб. На тоа подрачје живеат околу три милиони луѓе, а повеќе од една третина од населението се деца. По апелот на Папата, апел упати и УНИЦЕФ.
Заради моменталната ситуација во Сирија расте тензијата во меѓународните односи. Сирија и Русија сметаат дека покраината Идлиб е неопходно да се ослободи од бунтовниците, а САД се плашат од влошување на веќе тешката ситуација. Францускиот министер за надворешни работи Жан Ив Ле Дријан изјави дека сирискиот претседател „победи во војната, но не воспостави мир“, односно не презеде политички чекори за да го воспостави. Посебниот пратеник на ООН за Сирија Стефан де Мистура предложи да се воспостави хуманитарен коридор.
Апелот на Папата
Папата Фрањо во текот на молитвата Ангел Господов во неделата се обрати до меѓународната заедница и до сите страни вклучени во војната во Сирија повикувајќи ги да ги искористат сите инструменти на дипломатијата, дијалогот и преговорите за да се спречи хуманитарна катастрофа.
УНИЦЕФ проговара за „хуманитарна ноќна мора“
Со апелот на Папата одекна и оној на УНИЦЕФ кој зборува за „непосредна хуманитарна ноќна мора“. Гласноговорникот на италијанскиот УНИЦЕФ Андреја Јакомини за Ватикан њуз за актуелната ситуација во Сирија рече дека на подрачјето на кое му претходи офанзија се наоѓаат околу милион деца. Напоменува дека всушност тие се деца на оваа војна која трае веќе седум години, а предизвика стотици илјади жртви и егзодус без преседан во човековата историја. Тие деца повеќе пати доживеале прогон од сопствениот дом, виделе напади со свои чи, претпрпеле сѐ што се случило во Алепо, Хомс и Источна Гота.
Хуманитарен коридор како можно решение
Гласноговорникот на италијанскиот УНИЦЕФ предупредува исто така дека санитарно – хигиенските услови во покраината Идлиб се неискажливо лоши, стапката на неисхранетост висока, а децата кои живеат во овие крајно лоши услови за живот воедно се и жртви на насилство. УНИЦЕФ подготви хуманитарна помош за 400.000 луѓе, но сметаат дека тоа би можело да биде премногу малку. Таа организација предлага да се воспостави хуманитарен коридор кој ќе им овозможи на луѓето премин во согласност со човековите права и преземање на чекори за заштита на децата на тоа подрачје од било каков дополнителен шок.
Ватикан њуз/к.мк