Папата на Римската курија зборуваше за потребата од реформа

Папата на Римската курија зборуваше за потребата од реформа

Божиќ е празник на понизноста на Бог Кој љуби, Бог Кој ги нарушува нашите логични очекувања – рече папата Фрањо во своето божиќно обраќање до Римската курија.

На Божиќ сме повикани сме да кажеме „да“ на својата вера и тоа не на Господарот на вселената, па ниту на највозвишените идеи, туку токму на овој Бог Кој е понизен љубител.

Во својот говор до Римската курија Светиот Отец – како и во претходните две божиќни обраќања – се осврна на темата за реформа на Куријата претставувајќи ја притоа рамката, начелата, реформите и чекорите кои допрва треба да следуваат. Папата рече: Бидејќи Куријата не е неподвижен бирократски апарат, реформата е пред сѐ знак на живот, знак на Црква која напредува на својот поклонички пат, знак на жива Црква и токму од причина што е жива – simper ferormanda – е во постојана потреба за реформа.

Истакна дека реформата мора да се сообрази со Радосната вест која треба радосно и храбро да се навестува на сите, посебно на сиромашните, оние во потреба и отфрлените. Реформата мора да се води од еклезиологијата која е насочена кон доброто и служењето како што е службата на римскиот епископ. Папата истакна дека целта на реформата не е естетска – како да се работи за затегнување на лицето (фејслифтинг); во Црквата не треба да се грижиме толку заради брчките, туку заради маните.

Папата рече дека реформата на Куријата доживува успех само ако луѓето кои таму работат бидат обновени, а не едноставно заменети. Постојаната формација не е доволна – продолжи Папата – потребно ни е исто така и пред сѐ постојано преобраќање и чистење. Без промена на менталитетот напорите околу практичниот напредок ќе бидат залудни.

Светиот Отец рече дека противењето на процесот на реформата е здраво – под претпоставка дека својот извор го нема во злите намери. Опишувајќи три вида на спротивставувања, Папата истакна дека отворено противење се раѓа од добрата волја и искрениот дијалог, а сокриеното противење доаѓа од страв и скаменети срца кои се задоволуваат со празна реторика – тие се луѓе кои говорат дека се подготвени за промена, не сакајќи всушност ништо да се промени. Овде е и злобното противење кое се појавува во измамените умови и доаѓа до израз кога ѓаволот вдахнува зли намери… (кои) се сокриваат зад зборовите на самооправдувањето, а често и обвинувањето. Но, отсуството на било какви реакции е знак на смрт – порача Папата. Според тоа примерите за доброто спротивставување – па и она кое не е толку добро – се неопходни и треба да се сослушаат да се дочекаат и да им се овозможи да се изразат.

Папата Фрањо потоа ги изложи начелата на реформата: лична одговорност односно потреба за лично преобраќање, пасторална грижа, мисионерски дух (кристоцентричност), јасна организација, подобро функционирање, модернизација, трезвеност, супсидијарност, синодалност, католицитет, професионалност и приспособливост (расудување).

Во последниот дел Папата говореше за досега направените чекори во реформата. Тој го спомна воспоставениот Совет на девет кардинали како и реформата на Ватиканската банка. Исто така се основани Комисијата за заштита на малолетници и четири нови дикастерии: Секретаријат за економија и комуникација, Дикастерија за лаици, семејство и живот и Дикастерија за промовирање на целосен човечки развој. На крајот уште еднаш повтори дека Божиќ е празник на понизноста на Бог Кој љуби и на присутните им посака благословен Божиќ и Среќна нова 2017 година.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот