Папата: Царството Божјо расте незабележано и преку послушноста

Папата: Царството Божјо расте незабележано и преку послушноста

Царството Божјо не расте преку големи структури или преку генијални организациски графикони, туку незабележано и преку послушноста – порача папата Фрањо на светата Литургија на 25 октомври 2016 година во домот Света Марта.

Во својата проповед се осврна на денешното Евангелие според Лука во кое Исус го споредува Царството Божјо со синапово зрно: од почетокот е сосема мало, но потоа расте во висина.

Царството Божјо не е воспоставено еднаш засекогаш – рече Светиот Отец – туку тоа се наоѓа во напорите, во растот, „на патот“. „Што е Царството Божјо? Зарем не е можеби добро направена структура, каде сѐ е уредено и испланиран организациски графикон; а што не одговара на тоа, тоа не е Царството Божјо? Не. (…) Царството Божјо е на патот, тоа не стои мирно. Уште повеќе: Царството Божјо се гради секојдневно,“ рече Папата.

Исус во своите параболи говори за „работи од секојдневниот живот“, продолжи папата Фрањо: за квасецот кој „не останува квасец“ затоа што „се меша со брашно,“ се менува и притоа „станува леб“. За семето кое „не останува семе“ затоа што „умира и стеблото дава живот.“ „Квасецот и семето се на пат да станат нешто друго,“ порача Светиот Отец; тие „умираат“. Овде не станува збор за да се биде голем или мал, туку станува збор „за патот“ (развојот). „На патот се случува промена“, рече Папата.

Кој го познава Божјиот закон, а не тргнува на пат – продолжува Светиот Отец има крут, строг став. „Кој став од нас го бара Господ за Царството Божјо да расте и да стане леб и дом за сите? Послушноста. Царството Божјо расте преку послушноста на Духот Свети. Брашното повеќе не е брашно, туку леб затоа што е послушно на моќта на квасецот, а квасецот дозволува да биде помешан со брашното… Брашното нема чувства, но кога така лесно ќе се помеша со нешто друго би можело да се помисли дека малку трпи заради тоа, зарем не? И тогаш уште се дава да се пече… Но, Царството Божјо расте на овој начин. И на крајот станува храна за сите“, порача папата Фрањо.

За Царството Божјо треба послушни мажи и жени, рече Папата и додаде: „Тие растат и стануваат дар за сите. И семето е послушно и со тоа станува плодно, го губи својот идентитет на семе и станува нешто друго, многу поголемо – тоа се преобразува.“ Царството Божјо е „нешто во развој “, „што е на пат кон полнотата.“ „Се јавува секој ден преку послушноста на Светиот Дух, кој со силата обединува и го преобразува нашиот мал квасец или нашето мало семе.“ Кој пак не се впушта во процесот на растење станува „строг“. „Строгоста нѐ прави сираци, луѓе без татко,“ рече Светиот Отец и продолжи:

„Строгоста има само господари, нема татко. Царството Божјо е како мајка која дозволува да расте, која самата себе се дава за нејзините деца да имаат што да јадат и кров над главата… Денес е пријатен ден да молиме за дарот на послушноста на Светиот Дух. Толку често сме послушни на нашите хирови: „Правам што сакам…“ Но Царството Божјо не расте така, ниту ние не растеме на тој начин. Преку послушноста на Светиот Дух растеме и се преобразуваме како квасецот и семето. Нека Господ на сите ни ја даде милоста за ваква послушност!“ порача на крајот од својата проповед папата Фрањо.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан, Вести, Проповеди

За авторот