Генерална аудиенција: Апостолското патување во Франција беше „знак на преродба“

Генерална аудиенција: Апостолското патување во Франција беше „знак на преродба“

За време на Генералната аудиенција, папата Лав XIV се осврна на најзначајните моменти од своето неодамнешно апостолско патување во Франција, од 25 до 28 септември, истакнувајќи ја преродбата како главна нишка на целото патување.

Катедралата Нотр Дам во Париз и „трагедијата низ која помина“ можат „симболично да фрлат светлина врз целото апостолско патување“ во Франција, рече папата Лав XIV за време на Генералната аудиенција на 30 септември 2026 година на плоштадот „Свети Петар“.

Папата ги посети Париз, Лурд и Мец, каде што се сретна со десетици илјади млади, ја истакна важноста од заштитата на човечкиот живот и упати повик за мир во Европа и во светот.

Во својата катехеза, Светиот Отец ја посочи обновата на Нотр Дам како слика на поширока духовна преродба. Катедралата, тешко оштетена во пожарот во 2019 година, по обемната реставрација повторно беше отворена во декември 2024 година.

Соработка за општото добро

Папата истакна дека обновата на Нотр Дам предизвикала „позитивна реакција на сите нивоа“ и станала пример за соработка меѓу Црквата, државата, јавните институции и граѓанското општество.

Според него, токму таквата соработка треба да стане правило и за политичките, општествените и економските структури, а нејзин основен критериум треба да биде достоинството на човечката личност.

Црква изградена од живи камења

Папата направи паралела меѓу Вечерната во Нотр Дам и молитвеното бдение со околу 80.000 млади на стадионот „Стад де Франс“.

„Две сосема различни места“, рече тој, „а сепак два настана кои духовно се надополнуваат.“

Она што ги обединува, нагласи Папата, е Црквата, „која не е изградена од камен или цемент, туку од луѓе кои Го љубат Исус Христос затоа што најнапред биле љубени од Него“.

На стадионот, рече тој, била присутна „новата француска генерација“, нова не само по возраста, туку и по духот, слободата на срцето и верата. Имало песни и извици, но и тишина, слушање и лица што откривале „срца жедни за вистина и љубов“.

„Бдението беше голем знак на надеж“, рече Лав XIV. Сè повеќе млади и возрасни примаат Крштение

Како уште еден знак на обнова, Папата го посочи растечкиот број млади и возрасни кои во Франција примаат Крштение.

Тој потсети и на светата Литургија на Плоштадот Конкорд во Париз, на која присуствуваа околу 700.000 луѓе.

„Тоа е вистинската обнова, вистинската реставрација на Црквата, која единствено Бог може да ја изврши, преку застапништвото на Дева Марија“, рече Папата.

Истата надеж, според него, можела да се почувствува и во „Мезон Бахита“, центар за прифаќање мигранти, каде што луѓето секојдневно се посветуваат на служењето на човечкото достоинство.

Секој човечки живот заслужува грижа

Осврнувајќи се на ходочестието во Лурд, папата Лав XIV го нарече светилиштето „светилиште на цивилизацијата на љубовта“.

„Секој човечки живот, во каква било состојба, дури и во најголема кревкост, го задржува своето неприкосновено достоинство и заслужува грижа, придружување и ублажување на страдањето“, нагласи Светиот Отец.

Папата потсети и на средбата со жртви на злоупотреба, нагласувајќи дека Црквата мора да ги слуша, да оди покрај нив и да работи на спречување на злоупотребите.

Во Лурд тој учествуваше и во традиционалната поворка со свеќи и Бројаницата, а за време на Генералната аудиенција повторно ја истакна важноста од молитвата на Бројаницата за мир во месец октомври.

Преродбата на Европа

Последната етапа од патувањето беше Мец, град во област многу погодена од Втората светска војна. Папата потсети на Роберт Шуман, еден од основоположниците на европското обединување, кој работел за градење мир по војната.

„Современа Европа навистина се роди како мировен проект по уништувањето предизвикано од војната“, рече Лав XIV.

Според него, Европа повторно се изградила врз темелите на демократијата, солидарноста и братството меѓу народите, принципи кои многу им должат на христијанските корени на континентот.

Тој ја истакна и важноста на меѓурелигискиот дијалог, потсетувајќи на средбата во Мец со претставници на различни религии и на потпишувањето на „Апелот од Мец“ за дијалог и мир.

На крајот, Папата потсети на мотото на патувањето, „За светот да има живот“, изразувајќи надеж дека посетата ќе донесе „изобилни и трајни плодови“.

„Јавното сведоштво на љубовта кон Исус Христос што го видовме во Франција нека биде вдахновение за целата Црква. Да не ја криеме нашата вера!“, порача папата Лав XIV.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот