Папата во УНЕСКО: „Мирот не може да се гради само со договори“

Папата во УНЕСКО: „Мирот не може да се гради само со договори“

На првиот ден од своето апостолско патување во Франција, папата Лав XIV го посети седиштето на УНЕСКО во Париз, 46 години по свети Иван Павле II, повикувајќи образованието, науката и културата секогаш да останат во служба на човечкото достоинство, вистината и мирот.

Папата Лав XIV повика на обновена посветеност на мирот, вистината и човечкото достоинство за време на посетата на седиштето на УНЕСКО во Париз, предупредувајќи дека научниот и технолошкиот напредок, кога се одделени од етиката, можат да се претворат во инструменти на доминација и уништување.

Обраќајќи им се во петокот попладне, 26 септември 2026 година, на претставниците на земјите-членки и набљудувачите, меѓународните организации, академските институции и граѓанското општество, Папата го опиша УНЕСКО како место каде што човештвото може „да размислува за себе, за својата историја и за својата иднина“.

Посетата се одржа на првиот ден од неговото апостолско патување во Франција, кое трае од 25 до 28 септември и ги опфаќа Париз, Лурд и Мец.

По средбата со францускиот претседател Емануел Макрон и со претставниците на државните власти, граѓанското општество и дипломатскиот кор, Папата го посети УНЕСКО, пред да продолжи во катедралата Нотр Дам, а потоа и кон „Стад де Франс“, каде што учествуваше на молитвено бдение со младите.

По стапките на свети Иван Павле II

Обраќањето на папата Лав XIV се надоврза на историската посета на свети Иван Павле II, кој на 2 јуни 1980 година стана првиот папа што одржа говор во седиштето на УНЕСКО во Париз.

Четириесет и шест години подоцна, папата Лав XIV потсети на зборовите на својот претходник дека „човекот живее вистински човечки живот благодарение на културата“.

Тој истакна дека Светиот Престол има постојана набљудувачка мисија при УНЕСКО од 1952 година, а во 2027 година ќе одбележи 75 години присуство во организацијата.

Светиот Престол, додаде Папата, го смета УНЕСКО за „привилегиран партнер“ во служба на општото добро, особено затоа што вистинскиот човечки развој мора да се однесува на „развојот на секој човек и на целиот човек“.

„Што значи да се биде човек?“

Во средиштето на обраќањето на папата Лав XIV беше прашањето со кое, според него, секоја култура и секоја генерација мора повторно да се соочи:

„Што значи да се биде човек?“

Папата го поврза ова прашање непосредно со образованието, нагласувајќи дека образованието не може да се сведе само на стекнување вештини или на материјален напредок.

„Ниедно образование не може да се смета за целосно ако не се соочи со прашањето за смислата на животот“, рече тој.

Светиот Отец потсети и на ранливоста што ја споделува секое човечко суштество уште од раѓањето. Секој човек се раѓа како дете, зависен од другите, и уште од првиот миг влегува во светот преку однос на грижа и одговорност.

„Сите сме родени голи и во потреба“, рече Папата, нагласувајќи дека човекот зависи од „леб и зборови, од грижа и наклонетост“.

Ако го заборавиме ова заедничко човечко искуство, предупреди тој, ризикуваме човечкиот живот да го претвориме во стока, наместо да го препознаваме како дар и одговорност.

Науката и технологијата во служба на човекот

Папата посвети особено внимание на предизвиците што ги носат технологијата и вештачката интелигенција.

Тој предупреди на еден парадокс на современото општество: додека сè пософистицираните компјутерски системи ги нарекуваме „интелигентни“, самите човечки суштества сè почесто се оценуваат според нивната ефикасност и продуктивност.

„Иако ‘интелигенцијата’ им се припишува на компјутерските системи, ние се бориме да го препознаеме неотуѓивото достоинство на човечките личности“, рече Папата.

Вештачката интелигенција, продолжи тој, може да обработува и поврзува огромни количини информации, но не може да одговори на прашањата за смислата на човечкиот живот, која се раѓа од живееното искуство. „Смислата е кислородот на умот“, нагласи папата Лав XIV.

Тој ја поздрави иницијативата на УНЕСКО за медиумска и информациска писменост, која има цел да поттикне одговорно користење на медиумите и дигиталните технологии, и повика на посебна грижа за децата и младите.

„Во дигиталното доба, нивната ранливост никогаш не смее да стане можност за експлоатација“, рече тој.

Технологијата, додаде Папата, треба да го поддржува нивното образование, меѓучовечките односи и слободата самостојно да размислуваат и расудуваат.

„Војните започнуваат во умовите на луѓето“

Осврнувајќи се на основачките принципи на УНЕСКО, Светиот Отец потсети на зборовите од Уставот на организацијата од 1945 година:

„Бидејќи војните започнуваат во умовите на луѓето, токму во умовите на луѓето мора да се изгради одбраната на мирот.“

Според Папата, овие зборови остануваат еднакво актуелни и осум децении по основањето на УНЕСКО по Втората светска војна.

Научниот напредок, кога е одделен од мудроста, може да се претвори во оружје. Културата, кога е подложена на идеологија, може да стане пропаганда, а образованието одвоено од вистината може да стане средство за манипулирање со совеста.

„Мирот не може да се гради само со договори“, рече Папата. Вистинскиот мир, нагласи тој, мора да произлегува од правдата и од исправна волја која во другиот човек препознава „брат или сестра, личност како нас“.

Од Вавилон до Педесетница

Папата Лав XIV употреби две библиски слики за да ги опише двата спротивставени начина на човечко заедничко живеење: Вавилонската кула и Педесетница.

Вавилон, рече тој, претставува единство наметнато преку доминација, додека Педесетница покажува единство што не ја уништува различноста.

„Заедништвото во никој случај не ја потиснува различноста“, рече Папата. „Напротив, ѝ овозможува да процвета во хармонијата на гласовите и лицата.“

Во свет во кој е можна моментална комуникација меѓу континентите, предупреди Светиот Отец, тоа не значи дека комуникацијата нужно станува подлабока и поискрена. „Информациите се изобилни, но не се синоним за мудрост“, рече тој.

Без заедничка етичка основа, комуникациските технологии можат да го зголемат ширењето на лажни информации и да го попречат дијалогот, наместо да го поттикнат.

Довербата како услов за мир

Папата се осврна и на предизвиците со кои се соочуваат меѓународните институции.

Од нив, рече тој, сè повеќе се очекува да даваат одговори на проблеми што ниту една држава не може да ги реши сама, а во исто време нивната ефикасност сè почесто се доведува во прашање.

Во тој контекст, Светиот Отец посочи една доблест која денес е „толку многу посакувана колку што ретко се среќава“: довербата.

„Да веруваме дека разликите не мора нужно да претставуваат закана. Да веруваме дека искрениот дијалог може да донесе поголемо добро од она што секој од нас би можел да го постигне сам“, рече Папата.

Светиот Престол, додаде тој, сака да придонесува за зајакнување на таквата доверба во УНЕСКО и во другите меѓународни организации.

На крајот, папата Лав XIV повторно ги поврза образованието, науката и културата со градењето на мирот.

Секое дете што се раѓа во светот, рече Папата, е знак на надеж, а секој човек кој искрено се посветува на потрагата по вистината врши „чин на надеж“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот