Синодот на Грузиската православна црква го избра митрополитот сенакиски и чхороцкуски Шио за нов католикос-патријарх на цела Грузија.
Помалку од два месеца по смртта на Илија II, на 17 март, Синодот на Грузиската православна црква во понеделник, 11 мај, го избра митрополитот сенакиски и чхороцкуски Шио за нов католикос-патријарх на цела Грузија.
Роден во Тбилиси пред 57 години, Елизбар Теимураз Муџири долго време служеше како привремен админитратор на патријаршискиот престол. Тој ќе го земе името Шио III и автоматски ќе ги преземе титулите архиепископ мцхетско-тбилиски и митрополит абхазиско-бичвинтски.
На синодскиот состанок, одржан во катедралата „Света Троица“ во главниот град на Грузија, Тбилиси, присуствуваа 1.200 делегати од цела Грузија. Церемонијата на интронизација се одржа во вторник наутро во катедралата „Светицховели“.
Честитки од кардиналот Кох
„Во светлината на древното и светло духовно наследство на Грузиската црква, посведочено преку сведоштвото и верноста на нејзините бројни светци“, пишува кардиналот Курт Кох, префект на Дикастеријата за промовирање на христијанското единство, во својата честитка, нека вашата служба помогне во зајакнувањето на врските на срдечно пријателство и во промовирањето на сè побратски дијалог меѓу нашите Цркви“, продолжи тој.
„Уверен сум дека вашата служба ќе ги зајакне врските на љубовта и единството кои, преку дарот на Духот, навистина ги обединуваат сите верници во Исус Христос, и дека така сè повидлива ќе биде Господовата заповед: ‘Љубете се еден со друг како што Јас ве возљубив’.“
Кардиналот Кох, заедно со делегација од Светиот Престол, присуствуваше на погребот на Илија II, што се одржа во Тбилиси на 22 март, а кој го предводеше Вселенскиот патријарх Вартоломеј I.
Теолог и виолончелист
Муџири, кој меѓу своите различни студии се стекнал и со диплома за виолончело, бил замонашен во 1993 година со името Шио.
Подоцна бил ракоположен за ѓакон, а во 1996 година за свештеник. Теолошките студии ги завршил во Москва, а потоа станал игумен во Тбилиси, па епископ, надбискуп и митрополит во 2010 година.
Говорејќи кратко пред својот избор, Шио III изјави дека, со Господова помош, „Грузиската православна црква, која отсекогаш била обединувачка сила за нацијата, бранител на вистинската вера, на грузискиот јазик, на традициите и на историското сеќавање, ќе продолжи по овој пат“.
Во пораката испратена на 18 март до Шио по смртта на Илија II, папата Лав XIV напишал дека се моли Господ да му даде „светлина, проникливост и сила, за да може да ја води Православната црква на Грузија со истата пастирска милосрдност што го вдахновуваше покојниот патријарх“.
Ватикан њуз/к.мк

