На Генералната аудиенција, Папата во својата катехеза зборуваше за предавството на Јуда, кое Исус го најави на Последната вечера без да го именува ученикот, и објасни дека Христос „не осудува за да понижи. Тој ја зборува вистината затоа што сака да спаси“. „Ние сме навикнати да судиме. Бог, сепак, го прифаќа страдањето“, рече Папата. „Тој не се откажува од кршењето леб дури ни за оние што ќе го предадат. Ова е Божјата тивка сила: никогаш не ја напушта трпезата на љубовта, дури и кога знае дека ќе биде оставен сам“.
„Дали сум јас?“ – ова е прашањето што учениците си го поставуваат кога Исус, за време на Последната вечера, „открива“ дека еден од нив „ќе го предаде“, не за да „осуди“, туку за да „покаже дека љубовта, кога е вистинска, не може да биде без вистина“. Можеме да си го поставиме тоа прашање, вели Папата во катехезата, „за да отвориме простор за вистината во нашите срца“. Средбата со ходочесниците и верниците се одржа во салата „Павле VI“, а не на плоштадот Свети Петар, поради високите температури најавени за денес, 13 август 2025 година. Пред да влезе, Папата ги поздрави присутните на Пјацале Петријано: „Добро утро на сите, добар ден. Ќе се видиме по аудиенцијата, ќе поминам повторно. Бог да ве благослови“.
Папата пристигна во салата околу 10.00 часот и им посака добредојде на сите на англиски, шпански и италијански јазик:
„Денес ја одржуваме оваа аудиенција во поинкави услови, делумно за да се заштитиме од сонцето и големата жештина. Ви благодарам што дојдовте. Добредојдовте сите.“
Патот на спасението
Продолжувајќи ја катехезата на тема „Пасхата Исусова“, како дел од серијата за Јубилејот „Исус Христос, нашата надеж“, Папата се задржа на предавството што се случило за време на Пасхалната вечера и ги повика сите да размислат за сопствената кршливост, за фактот дека „и кога сакаме да љубиме“, може и да „повредиме“. Токму од „оваа свест започнува патот кон спасението“ – од сознанието дека „можеме да ја изиграме нашата доверба во Бога“, која, сепак, може да се прими, да се зачува и да се обнови.
На крајот, ова е надежта: дури и ако паднеме, Бог останува верен. Дури и ако предадеме, Тој продолжува да љуби. Ако дозволиме да бидеме допрени од оваа љубов – скромни, ранливи, но секогаш верни – тогаш можеме да се преродиме и да живееме како деца засекогаш сакани.
Злото е реално, но го нема последниот збор
Папата посебно го истакна „начинот на кој зборува Исус“: „не го крева гласот, не покажува со прст, не го споменува името на Јуда“ и го повикува секој да ја преиспита својата совест. „Тој не осудува за да понижи, туку ја говори вистината затоа што сака да спаси“. За да се спаси, човек треба да „се почувствува вклучен“, „сакан и покрај сè“ и да знае дека „злото е реално, но го нема последниот збор“. Само оној што ја искусил длабочината на љубовта може да ја прифати и раната на предавството.
Бог го прифаќа страдањето
Зборовите на Исус „Тешко на оној човек од кого ќе биде предаден Синот Човечки! Подобро би било за тој човек никогаш да не се родил!“ треба да се разберат, појасни Папата, како „крик на болка“, а не како проклетство.
„Навикнати сме да осудуваме. Бог, сепак, го прифаќа страдањето. Кога гледа зло, не се одмаздува, туку тагува.“
Исус продолжува да ни верува
Тоа „тешко“ на грчки значи „за жал“, извик на длабоко сочувство, бидејќи „кога ја негираме љубовта што нè создала и со тоа стануваме неверни кон себеси, го губиме чувството за смислата на животот и се исклучуваме од спасението“.
Ако ги признаеме нашите ограничувања и ако дозволиме Христовата болка да нè допре, можеме повторно да се родиме. Верата не нè ослободува од можноста за грев, но секогаш нè води кон милосрдието. Исус не се соблазнува од нашата слабост. Тој знае дека ниедно пријателство не е имуно на ризикот од предавство, но продолжува да верува.
Затоа, Христос „не се откажува од кршење леб дури ни за оние што ќе го предадат“, заклучи Папата, подвлекувајќи дека „Божјата сила“ никогаш не ја напушта „трпезата на љубовта, дури и кога знае дека ќе биде оставен сам“.
Ватикан њуз/к.мк