Папата Лав до семинаристите: Бидете исполнети со жар за свештеничкиот живот

Папата Лав до семинаристите: Бидете исполнети со жар за свештеничкиот живот

Папата Лав XIV ги пречека околу 4.000 семинаристи и нивните воспитувачи во Ватикан по повод нивниот Јубилеј, обраќајќи им се со духовна размислување за Пресветото Срце Исусово и за свештеничкиот живот.

Семинаристите што пристигнаа во Рим за Јубилејот не се само ходочесници, туку и сведоци на надежта, истакна Папата Лав во вторникот 24 јуни 2025 година, додавајќи:
„Тие ја одржуваат живата искрата на надежта во животот на Црквата.“

Во своето размислување во базиликата Свети Петар, Папата порача дека семинаристите се повикани да сведочат со благодарност за великодушноста на Христос, за радоста и повикот, за нежноста и милосрдието на Неговото Срце. Повика да прифатат стил на прифаќање и близина, на несебична и дарежлива служба, дозволувајќи му на Светиот Дух да ја „помаза“ нивната човечност уште пред самото ракополагање.

Да љубат како што љуби Исус

Светиот Отец особено ја истакна важноста на формацијата која е „насочена кон срцето“, на учењето како да се љуби како што љубел Исус.

Тоа се остварува преку развојот на внатрешниот духовен живот – првото дело на расудување – кое бара враќање во срцето, таму каде што се среќаваат „трагите од Бога“ и каде што Тој ни говори.

Формациијата на внатрешниот живот, рече Папата, значи препознавање на најдлабоките чувства на срцето, кои го насочуваат животниот повик. Притоа подвлече дека привилегиран пат во внатрешноста е молитвата, затоа што без средба со Бога, „не можеме вистински да се запознаеме себеси.“

Ги повика семинаристите често да го повикуваат Светиот Дух, „за да обликува во нив кротко срце, способно да ја препознае Божјата присутност“ – како во природата, така и во уметноста, книжевноста, музиката и науката.

„А пред сè“, продолжи тој, „научете да го слушате, како што слушаше Исус, тивкиот крик на малите, на сиромашните и отфрлените, и на мнозина – особено млади – кои трагаат по смисла во животот.“

Светиот Отец ги повика семинаристите да ги чуваат и да размислуваат за настаните во сопствениот живот, по примерот на Богородица, со цел да ја научат „уметноста на расудувањето“.

Бидете исполнети со жар за свештеничкиот живот

Во заклучокот, Папата Лав ги повика семинаристите да бидат кротки и понизни по срце, како што бил Исус; и како апостол Павле, да ги усвојат чувствата на Христос, растејќи во човечка зрелост и отфрлајќи ја секоја претенциозност и лицемерие.

Нивната задача, истакна тој, е:
„Никогаш да не се задоволуваат со малку, да не бидат рамнодушни приматели, туку да бидат ревни во љубовта во свештеничкото служење, живеејќи го сегашниот миг и гледајќи со пророчко срце кон иднината.“

Пред да ги повика во исповедување на Никејско-константинополскиот Символ на верата, Папата изрази желба семинаристите да ја продлабочат својата врска со Христос, молејќи се:
„Нека ги обликува вашите срца според Своето Пресвето Срце, кое чука со љубов за секој од вас и за целото човештво.“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот