Во видео порака објавена во вторник, 30 јули 2024 година, папата Фрањо ги повикува верниците да се молат политичките лидери да бидат во служба на својот народ.
Светиот Отец ги повика верниците да му се придружат во молитвата за „политичките лидери да бидат во служба на сопствениот народ, да работат за интегрален човечки развој и општото добро, да се грижат за оние кои останале без работа и да им даваат предност на најсиромашните“.
Во видео пораката објавена од Светската молитвена мрежа на Папата, Светиот Отец признава дека „политиката не е многу на добар глас“ заради корупцијата, скандалите и оддалеченоста од секојдневниот живот на луѓето.
Но, дали можеме да напредуваме кон универзалното братство без добра политика?“, праша Папата и одговори: „Не можеме“.
Во исто време, тој потсети на зборовите на својот претходник свети Павле VI: „Политиката е една од највозвишените облици на милосрдие затоа што се стреми кон општото добро“.
„Зборувам за политика во вистинска смисла на зборот, не за политиканство. Зборувам за политика која слуша што навистина се случува, која е во служба на сиромашните, а не која се крие во огромни згради со долги ходници. Зборувам за политика која се грижи за невработените и многу добро знае колку тажна може да биде неделата кога понеделник е само уште еден ден без работа. Ако гледаме така, политиката е многу поблагородна отколку што изгледа“.
Значи, додека се молиме за политичките лидери, треба да бидеме и благодарни „на многуте политичари кои ги извршуваат своите должности со волја да служат, а не за моќ, кои ги вложуваат сите свои напори за општото добро“, рече папата Фрањо.
Зошто да се молиме за политичките лидери?
Осврнувајќи се на молитвената накана на Папата за август, меѓународниот директор на Светската молитвена мрежа на Папата, отец Фредерик Форнос, СИ, го постави прашањето: „Зошто да се молиме за политичките лидери?
Затоа што – продолжи тој, „политичките лидери се такви, какви што ние ги правиме да бидат. Наместо да го поттикнуваме презирот кон нив со нашите зборови и мисли, да им помогнеме да бидат мажи и жени какви што сакаме да бидат. Да се молиме за нив, како што нè повикува папата Фрањо“.
„Затоа што е потребна голема храброст да бидеш таму каде што си и да живеш чесно! Тие ставаат сè на коцка: нивното време, нивниот семеен живот, нивните вештини, нивната физичка сила, нивната репутација“, објасни тој.
Отец Форнос нè потсетува дека, иако политичарите понекогаш може да бидат водени од алчност, моќ или пари, „многумина навистина му служат на општото добро“.
Затоа, менувајќи ја перспективата, тој реторички праша: „Што ние правиме? Што би направиле ние на нивно место?“ – „Најмалку што можеме е да се молиме за нив“, заклучи тој.
Светска молитвена мрежа на Папата
Од 2016 година, видеата на Светската молитвена мрежа на Папата се прегледани повеќе од 226 милиони пати преку социјалните мрежи на Ватикан. Тие се преведени на повеќе од 23 јазици и објавени во 114 земји. Проектот се реализира под покровителство на Vatican Media.
Светската молитвена мрежа на Папата е основана во 1844 година како Апостолат на молитвата. Нејзината мисија е да ги поттикне католиците да одговорат со молитва и дело на предизвиците со кои се соочува човештвото и Црквата во своето послание. Овие предизвици се изразени во форма на молитвени накани на Папата.
Во декември 2020 година, папата Фрањо ја воспостави мрежата како Фондација со папско право, одобрувајќи нови статути. Мрежата е присутна во 89 земји.
Ватикан њуз/к.мк