Понекогаш чекаме некои работи да се подредат, за да се исполнат некои услови кои ќе ни пружат сигурност, па тогаш „на мир“ ќе можеме да донесеме одлука за брак и…
Диплома, или барем еден од нас да заврши школо, па дури тогаш ќе размислуваме за тоа… Работа или барем еден од нас, да добие „за стално“ па ќе размислуваме за брак… Уште само ова, па тогаш ќе „одлучиме“ за дете…
Сепак, таа световна сигурност кон која се стремиме не гарантира дека ќе водиме успешен заеднички живот – успешен на свет и благословен начин. Па дури и да започнеме брак со одлични материјални услови, никој не ни гарантира дека компанијата засекогаш ќе постои (и нашите работи кои се во неа), дека автомобилот никогаш нема да се расипи, дека подобро ќе се согласуваме ако веднаш сме во своја куќа или стан… Токму во неиделани услови, кога не можеме да се потпреме на многу, ја покажува вистината за нас (а и нашите карактери, предности и слабости!), таа вистинска чистота на љубовта. Токму кога немаме на многу што да се потрепеме, ја пронаоѓаме вистинската поддршка во Бог. Се чини дека е полесно да се сака кога сме во материјално изобилство и кога можеме да се однесуваме малку по опуштено и безгрижно, но што ако ни остане „само љубовта“? И како да се одлучи кога е време за брак?
Божјата економија е навистина поинаква од нашата
Двајцата дипломиравме нешто пред венчавката. Исус ни подари чистота и една луда вера дека Он за сѐ ќе се погрижи, за работите, автомобилот, добра плата и сите други услови – па сепак Тој е и Цар на нашите срце, но и на провидноста. По неколку години и неколку деца, гледаме дека животот е сосема нешто друго. Не сме целосно ситуирани што се однесува до куќата, имаме автомобил кој ни служи, но се радуваме што еден ден ќе го замениме за некој посоодветен за семејството и семејниот буџет. Немаме високи примања, но Бог ни провидува многу повеќе отколку што заработуваме, и кога ќе повлечеме црта – гледаме дека живееме во материјално, но пред сѐ духовно изобилство.
Поминавме период кога двајцата сме биле невработени, долгогодишна невработеност на сопругот, неадекватни работи, скапи ќирии… Поминавме и сѐ уште поминуваме во еден вид на материјална несигурност, која нѐ учи дека единствено само Бог е сигурност и љубов. Не се венчавме во посложени и посигурни материјални услови, но ништо не ни недостасуваше. И всушност, сигурни сме дека токму заради тоа што материјалното не се нареди како што очекувавме, денес сме подобри, поблагодарни и порадосни луѓе, а покрај тоа уште и на Бог посветени. Понатаму, во ситуација кога не можеме да купиме сѐ што мислиме дека ни треба, нѐ научија да се потпреме на Божјата грижа и провидност. Освен тоа, научивме и дека многу малку ни треба за навистина да живееме благословено и радосно.
Божјата провидност е над сите наши можности и очекувања
И постојано се изненадуваме како Бог великодушно нѐ посетува со своите благослови, како духовни, така и материјални. Кога ќе ја погледнам само својата скапа ташна, детската брендирана облека или безбројните кошули на сопругот, помеѓу останатите работи кои не сме купиле, туку по некој Божји пат сме ги добиле, навистина гледам дека Божјата провидност е над нашите можности и очекувања. Многу повеќе сме добиле и моментално материјално уживаме, отколку што реално сме заработиле. Божјата економија е навистина поинаква од нашата.
Сѐ уште да чекаме или да направиме скок во верата?
Не треба сосема слепо и неразумно да се донесе одлука за свршувачка и за брак. На пример, не можете да очекувате дека во целост ќе ве издржуваат родителите – одлуката за брак претпоставува и прифаќање на одговорност и меѓусебна грижа за семејството. Меѓутоа, љубовта е нешто што не би требало да се темели на исполнување на материјалните услови. Сепак, секој пар е приказна за себе и единствено може да слушне кога Господ го повикува да направи чекор понатаму во својата љубов.
Не чекор од страв, не чекор од лудост, безгрижност и неодговорност – туку чекор од одлука за посветеност, исто како што Господ го предаде својот живот на волјата на Отецот. И не чекор напред во бракот заради исполнување на материјалната сигурност, туку заради љубовта која ќе биде подготвена да биде и искушувана, но и да ги ужива плодовите на милосрдието. На здравиот брак му се потребни навистина многу благослови, најпрво духовни. И токму во периодите кога помалку имаме материјално, можеме да се фокусираме на градењето на духовните благослови. Помалку фокусирани на материјалното, со тоа постигнуваме помалку да се наврзуваме на материјалните богатства, а повеќе се посветуваме токму на меѓусебната љубов и посветеност на Бог.
Брак кој не е изграден на куќа, автомобил или работа
Замислете да влезете во брак двајцата вработени, во својот стан, и набрзо имате и сопствен автомобил. Го опремувате станот, детската соба, понекогаш и патувате… Но, замислете во блиска иднина и двајцата останете без работа, или барем едниот од вас, станот ќе го преплават лебарки или ќе се сруши вредноста на недвижнината на која сметате, а автомобилот лесно може да се расипе или барем да предизвика многу трошоци за одржување! Наеднаш не е сѐ толку сјајно. А вие двајцата – какви сте еден кон друг кога сета таа материјална сигурност ќе се сруши? Какви сте кога имате само свој брак, сметки кои вас ве чекаат, а уште ниту сите основни намирници не сте ги набавиле за деновите пред вас?
Одлуката за бракот, или следната важна одлука за вашето семејство, може да ја донесете само вие, во соработка со Светиот Дух. Не чекајте да добиете сѐ на тацна, туку одлучете се да живеете живот со љубов, заедничките одлуки, преиспитувања и молитви – тоа е живеење на Љубовта. Не чекајте секогаш ниту сигурни знаци, туку доверете се на плодовите од личните и заедничките молитви. Вашата сигурност нека не биде во материјалното, туку во Божјото.
Не чекајте ги сите одговори сега и веднаш, туку одете од ден на ден со Господ – тоа е живеење на Љубовта
Немојте да се залеткувате, но немојте важните животни одлуки, како што се бракот, а потоа и првото или пак следното дете, да ги поистоветувате со материјалната сигурност – никогаш. Материјалното е важно, но знаеме дека никој вистински не го исполнил. Меѓутоа, она материјалното кое следува како плод на живеењето на вистинското посветување на својот живот, својот брак и семејството на Бог – станува навистина благословено, умножено и ги донесува плодовите на Светиот Дух, вистинска радост, благодарност и љубов во бракот и семејството. Нека вашата одлука за брак, или идна одлука во бракот биде одлука на вистинска љубов, а не материјална.
Жена Врсна/к.мк