Канцеларијата за печат на Светиот Престол ја претстави програмата настани посветени на младите, кои ќе се одржат од 28 јули до 3 август, со учесници од 146 земји од целиот свет.
Денес, Канцеларијата за печат на Светиот Престол ја претстави програмата за претстојниот Јубилеј на младите, што ќе се одржи од 28 јули до 3 август. За време на прес-конференцијата, говорниците се осврнаа на прашања поврзани со технолошкото распоредување, здравствената заштита, безбедноста, јавниот превоз и одржливоста на животната средина за време на Јубилејот.
Монсињор Рино Физикела, пропрефект на Дикастеријата за евангелизација, задолжен за организацијата на Јубилејот во 2025 година, објасни дека Јубилејот на младите претставува најочекуван момент од Светата година, бидејќи е настан со најголем број учесници. Поклоници пристигнуваат од 146 различни земји, од кои 68% се од Европа, а останатите од други континенти. Посебно ги спомена младите од области погодени од војна: Либан, Ирак, Мјанмар, Украина, Израел, Сирија и Јужен Судан, како симболична „прегратка“ што ќе ги обедини новите генерации од целиот свет. Надбискупот ѝ се заблагодари на Италијанската Влада, која секојдневно учествува во организирањето на настанот, а потоа ја претстави програмата за следните денови.
Во понеделник, 28 јули, се очекува пристигнувањето на првите половина милион ходочесници. За нивно сместување ќе бидат ангажирани 270 парохии, 400 училишни згради, 40 воннаставни локации, домови за цивилна заштита, спортски сали и семејства. Јубилејот на дигиталните мисионери ќе започне истиот ден. Организирани се 20 специјални пунктови за исхрана на младите, каде што ќе можат да подигнат храна со акредитација.
Во вторник, 29 јули, почнуваат „Дијалози со градот“, серија од 70 настани што ќе се одржат на римските плоштади во вторник, среда и четврток. Во петок, 1 август, ќе се одржи ден на покајание во Цирко Масимо, каде што 200 свештеници ќе исповедаат секои два часа под големи шатори поставени за да обезбедат сенка поради високите температури. Во сабота, 2 август, портите на Тор Вергата ќе се отворат во 9 часот наутро, каде ќе настапуваат разни музички групи до 20:30 часот, кога ќе започне бдението со папата Лав XIV. Тогаш тројца млади од Италија, Мексико и САД ќе му постават прашања на Папата, кој ќе одговори на нивните јазици.
Монсињор Физикела ѝ се заблагодари на Дикастеријата за комуникации за апликациите Vatican Vox и за услугите на Ватиканското радио, кои ќе обезбедат преводи и коментари на осум јазици. Го спомена и вадемекумот, изготвен во соработка со Цивилната заштита, кој содржи важни упатства за поубаво и побезбедно доживување на овој Јубилеј.
Монсињор Физикела истакна дека 1.500 млади луѓе ќе пристигнат од Јужна Кореја, земјата-домаќин на следниот Светски ден на младите, потсетувајќи дека папата Фрањо, на крајот од последната средба во Лисабон, прво ги повика младите во Рим за Јубилејот. Прашањата на кои папата Лав XIV ќе одговори ќе се однесуваат на теми од особено значење, вклучувајќи го пријателството, иднината и надежта. „Ова претставува голема можност за ширење на пораката која е блиска до срцето на Папата: единството и братството“, нагласи надбискупот.
Ватикан њуз/к.мк