Бискупот Стојанов упати честитка до архиепископот Г.г. Стефан по повод празникот Рождество Христово
По повод празникот Рождество Христово Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх монс. Киро Стојанов упати честитка до Архиепископот охридски и македонски Г. г. Стефан и Светиот Архиерејски синод, која ја пренесуваме во целост:
Ваше Блаженство!
Вистинската Светлина, што го просветлува секој човек, што доаѓа на свет, нашиот Господ Исус Христос, зеде тело од Дева Марија и стана наш придружник кон Отецот на небесата.
Тој, Младенец во јаслите, е наш Спасител, кој ја протерува секоја темнина на незнаење и зло и ни дава надеж. Заради Неговата милост сите сме достојни да живееме од Неговата љубов: родени и неродени, здрави и болни, моќни и слаби, храбри и плашливи, верни и неверни, но и мирољубиви и немирољубиви.
Затоа Божиќ не може да нѐ остави во темнината на незнаењето за тоа кои сме и каде одиме. Ние сме браќа и сестри во Христа и затоа синови и ќерки на мирољубивиот Бог кој ни овозможува вечно да бидеме со Него.
Со овие мисли Вам, Ваше Блаженство, на Светиот Архиерејски Синод, на целото духовенство на МПЦ – ОA и на сиот Божји народ, Ви посакувам Честит празник Рождество Христово те Ново 2022 Лето Господово – Христос се роди!
+ Киро Стојанов
Скопски бискуп и Струмичко-скопски епарх
Ватикан њуз/к.мк