Папата Лав XIV, во недела 8 јуни 2025 година ја предводеше молитвата „Царице Небесна“ на празникот Педесетница и се помоли Светиот Дух да поттикне помирување таму каде што војната ги разделува луѓето.
На празникот Педесетница, со кој се завршува пасхалниот период, папата Лав XIV заедно со ходочесниците на плоштадот Свети Петар ја молеше традиционалната молитва „Царице небесна“.
Пред молитвата, Папата потсети дека Светиот Дух има моќ да донесе мир во нашите срца и во нашиот свет разурнат од војни.
„Да молиме за дар на мирот од Светиот Дух “, рече тој. „Пред сè, нека има мир во срцата: само мирно срце може да шири мир – во семејствата, во општеството и во меѓународните односи.“
Светиот Отец истакна дека воскреснатиот Христов Дух може да отвори патишта за помирување секаде каде што има војна.
„Нека ги просветли оние на власт и нека им даде храброст да прават гестови за деескалација и дијалог“, рече Папата.
Папата Лав XIV, исто така, изрази благодарност за бројните луѓе кои ги следат неговите настани преку медиумите. Им се заблагодари и на црковните здруженија, движења и нови заедници присутни во Рим за нивниот јубилеен настан во текот на Светата 2025 година.
На крајот од светата Литургија за јубилејот на движењата, здруженијата и новите заедници, Папата ја предводеше молитвата „Царице небесна“.
„Драги сестри и браќа“, рече тој, „со силата на Светиот Дух, одете обновени од овој ваш Јубилеј. Одете и донесете ја надежта на Господ Исус на сите!“
На крајот, папата Лав се обрати на ученици во Италија и други земји кои ја завршуваат својата академска година и го започнуваат летниот распуст.
„Сакам да ги поздравам сите ученици и наставници“, рече тој, „особено оние кои ќе полагаат испити во наредните денови за да го завршат својот студиски циклус“.
Ватикан њуз/к.мк