Хириограф за формирање на Папскиот комитет за Светскиот ден на детето

Хириограф за формирање на Папскиот комитет за Светскиот ден на детето

Во хириографот Светиот Отец ја издвојува важноста на грижата за децата, повикувајќи на нив да им се посвети потребното внимание во пасторалните и воспитните активности.

Во среда, 20 ноември 2024 година, Ватикан објави хириограф, односно ракописна уредба на папата Фрањо за формирање на Папскиот комитет за Светскиот ден на детето и одобрувањето на неговиот статут. Ова тело е повикано да биде координатор и промотор на иницијативите на помесните Цркви за одбележување на Денот на детето во Црквата, кој следната година ќе се одржи во Ватикан на 3 февруари 2025 година на тема: „Да ги сакаме и заштитиме“.

Дете кое учи да расте во доверба

Папата пишува дека социјалниот статус на детето низ историјата на човештвото бил предмет на бројни испитувања на теоретско и практично ниво. На пример, во времето на Исус, на децата не им се давало многу почит и „во Евангелието дури и апостолите се плашат дека децата може да му пречат на Учителот“, кој, наместо тоа, покажува голема љубов кон нив. „Не само што не Му пречи, туку ги дава како пример за ученик, „зашто нивно е Царството Божјо“ (Марко 10,14 ) – пишува Светиот Отец. Учениците се повикани да ги наследуваат децата не во детството за што ги прекорува Исус, туку во способноста да се восхитуваат, како што детето секогаш му пристапува на животот“. Според Папата, погледот на детето е поглед кој го гледа она што на возрасните им е тешко да го видат. „Затоа, ученикот е повикан да расте во доверба, во одрекување, во восхит, во чудење: во сите особини кои староста и разочарувањето често ги гаснат кај човекот“, нагласува Петровиот наследник.

Светиот Отец забележува дека, откупени со Христовата крв и со Неговата благодат, станавме Божји деца и пријатели. Затоа, лицето уште од најмала возраст е предмет на „неотуѓиви, неприкосновени и универзални права“. Затоа, според него, Црквата, во име на Бога, авторитативно се залага за заштита на индивидуалните права, особено на децата, чии права не се загарантирани. „Заштитата на правата на децата е всушност сериозна должност на родителите, граѓанското општество и Црквата како образовна заедница“, додава Папата.

Да се ​​заштитат и промовираат правата на децата

За конкретно спроведување на обврските на Црквата кон децата, Светиот Отец го востановува Светскиот ден на детето. Според него, целта на овој ден е особено да се посвети доволно внимание на децата во пасторалното делување на Црквата, за да биде гостопримлива и дом за живеење за секого, како и со цел да се вкорени детската вера во традицијата на светите деца, која Црквата ја чува како духовно наследство, да им ја пренесе на децата, нивните семејства и нивните воспитувачи.

„Посакувам овој ден да се слави и на ниво на Универзална црква и во секоја помесна Црква и на ниво на регионалните и националните здруженија. Подготовката за Светскиот ден на детето им ја доверувам на регионалните и националните епископски конференции кои ќе создадат локални организациски одбори“, пишува Светиот Отец.

Понатаму се забележува дека со цел институционализирање на оваа иницијатива, го формира Папскиот комитет за Светскиот ден на детето и го назначува ова тело за координатор и промотор на иницијативите на националните и регионалните организациски одбори, повикувајќи го формираниот комитет да соработува со пасторалните одделенија на локалните Цркви и епископски конференции.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот