Додека папата Лав XIV се сретна со француските верски водачи во Мец, претставници на различни религии упатуваат апел за траен дијалог и заеднички напори во служба на мирот во светот.
Верските водачи во Франција ја потврдија својата решеност „заедно да му служат на целото човечко семејство“, упатувајќи повик за дијалог, братство, помирување и мир во присуство на папата Лав XIV.
„Апелот од Мец“ се навраќа на историскиот апел од Асизи пред четириесет години и предупредува дека човештвото повторно се наоѓа на пресвртница, соочено со војни, нееднаквости, еколошка нестабилност и големи технолошки промени.
Овие превирања, нагласуваат верските водачи, ги повикуваат религиозните заедници да дејствуваат заедно, штитејќи го човечкото достоинство и грижејќи се едни за други.
Мирот започнува одвнатре
Во апелот се нагласува дека мирот е многу повеќе од отсуство на војна. Тој бара правда, почитување на човечкото достоинство, солидарност меѓу луѓето и генерациите, како и заедничка грижа за „нашиот заеднички дом“.
Верските водачи ја осудуваат дискриминацијата и говорот на омраза, изразувајќи особена загриженост поради повторното појавување на напади врз луѓе и места за богослужба во Франција поради нивното потекло или вера.
Тие го отфрлаат и „отровот на тоталитаризмот“, потсетувајќи на страдањата што тој ги предизвикал во регионот Лорен.
„Заедно потврдуваме дека ниту Божјото име, ниту која било религиозна вистина или духовна традиција не смеат да бидат повикувани за да се оправдаат насилството и омразата“, се наведува во апелот.
Дијалогот, молитвата, медитацијата и духовниот живот можат да отворат патишта за мирот, се истакнува во документот, нагласувајќи дека работата за мир започнува во срцето на секој човек, преку препознавање и разоружување на сето она што поттикнува страв и отфрлање на другиот.
Образование и помирување
Признавајќи ги раните што ги оставаат насилството и недоразбирањето, верските водачи ги отфрлаат одмаздата и понижувањето и се обврзуваат да станат носители на помирувањето.
Тие ги опишуваат религиите како привилегиран пат кон „невооружен и разоружувачки мир“, на кој повикува папата Лав XIV.
Градењето култура на мирот, нагласуваат тие, бара и лична храброст и заедничка посветеност, во која треба да бидат вклучени семејствата, училиштата, спортските и рекреативните организации, како и религиозните заедници.
Апелот завршува со три конкретни заложби: да се води траен и сериозен дијалог; младите генерации да се запознаваат со меѓусебните верски традиции; и заеднички, дури и во тешки околности, да се работи за унапредување на правдата и мирот.
Мирот се гради секојдневно преку почитувањето и пријателството, нагласуваат верските водачи, изразувајќи надеж дека нивната средба ќе ја разбуди совеста и ќе донесе трајни плодови.
Тие посакуваат „Апелот од Мец“ да стане „компас на надежта“, потсетувајќи ги сите дека „не може да се изгради траен мир без другите или против нив“.
Ватикан њуз/к.мк

