Триесет години од упокојувањето на сестра Маргарита Јорданова

Триесет години од упокојувањето на сестра Маргарита Јорданова

Со духовна обнова во Евхаристискиот дом на Сестрите Евхаристинки во Гевгелија, одржана на 15 март 2025 година, се одбележа поменот од упокојувањето на првата Провинцијална nастојателка, сестра Маргарита Јорданова, која се упокои на 15 март 1995 година.

Во молитвеното одбележување на годишнината од заминувањето во вечноста на својата прва Провинцијална настојателка, Сестрите Евхаристинки беа заедно со својот епископ, монсињор д-р Киро Стојанов, со Генералната настојателка, сестра Јоана, со деканот на Деканатот „Свети Кирил и Методиј“ и Ректор на Светилиштето „Мајка Божја Утешителка“ во Паљурци отец д-р Зоран Стојанов, со парохот на Католичката црква „Свети Петар и Павле“ во Гевгелија отец Ристо Самарџиски, парохот на Католичката црква „Свети Кирил и Методиј“ во Богданци отец Тома Ангелов и верници од Гевгелија.

Молитвената средба започна со предавање на епископот Стојанов, кој се осврна на текстот од Евангелието според Матеј 10,5-42, размислувајќи што Исус ни зборува конкретно преку тоа Слово, што бара од нас, и неговото присуство во секој миг од нашиот живот. Тој е со нас како што беше со своите апостоли и затоа да не се плашиме да го следиме Исус, да го носиме Исус насекаде и да го гледаме во секого – рече епископот Стојанов.

Духовната обнова продолжи со Обожавање на Исус во светата Евхаристија и молење света Бројаница, а имаше и можност за Света Исповед.

Потоа следуваше света Литургија која ја предводеше епископот Стојанов во сослужение на гореспомнатите свештеници, за упокоение на душата на сестра Маргарита и сите починати Сестри Евхаристинки. Во проповедта епископот Стојанов ја истакна големата улога на сестра Маргарита во Црквата и монашката заедница на Сестрите Евхаристинки. Зборуваше за нејзината голема љубов кон својата заедница и кон секоја сестра Евхаристинка и им порача да го следат нејзиниот пример во служењето и љубовта кон Црквата и нивната монашка заедница. Да не ги заборавиме и другите Сестри Евхаристинки кои не се меѓу нас, а со својот живот и дарови од Бога ги жртвуваа за Црквата, монашката заедница и сите луѓе. Епископот Стојанов се заблагодари на сестрите за целиот труд и служење кои го вложуваат за Црквата и сите луѓе со кои се среќаваат и работат, препорачувајќи се себе и Црквата во Македонија во нивните молитви.

По светата Литургија се молеше Панахида за упокоената сестра Маргарита, а потоа го посетија вечното живеалиште на Сестрите Евхаристинки и свештениците кои почиваат на Градските гробишта во Гевгелија, каде што упатија молитви за нивните души.

Духовната Обнова заврши со заедништво и агапе подготвено од Сестрите Евхаристинки од Гевгелија.

Вечен мир дарувај им Господи и вечна светлина нека им светли на сестра Маргарита и на сите сестри Евхаристинки. Нека почиваат во мир. Амин!

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот