Додека Црквата се подготвува да го одбележи Деветтиот Светски ден на сиромашните, во недела на 16 ноември 2025 година, папата Лав XIV упати порака со тема: „Ти си мојата надеж“, изразувајќи ја својата желба оваа Јубилејна година да поттикне развој на политики насочени кон справување со старите и новите облици на сиромаштија.
Врз основа на псалмите и животното искуство на оние што живеат во сиромаштија, папата Лав XIV ги повикува христијаните да не гледаат на сиромашните како на објекти на милосрдие, туку како на носители на надеж. Тој, исто така, изразува надеж дека Јубилејната година ќе биде можност за спроведување на „нови иницијативи за поддршка и помош на најсиромашните меѓу сиромашните“ и нагласува дека „работата, образованието, домувањето и здравството се темели на сигурност која никогаш не може да се постигне преку употреба на оружје“.
Пораката на Папата, објавена на празникот на свети Антун Падовански, заштитникот на сиромашните, ги повикува верните повторно да ја откријат христијанската надеж како одговор на нестабилноста што го опфаќа светот.
„Надежта во Бог никогаш не разочарува“, потврдува Папата, потсетувајќи на уверувањето на свети Павле дека „својата надеж ја положивме во живиот Бог“.
Сведоци на надеж во тешкотии
Папата Лав забележува дека сиромашните, иако лишени од материјална сигурност, често олицетворуваат надеж што е длабока и трајна. „Тие не можат да се потпрат на сигурноста од моќта и поседите… нивната надеж неопходно мора да се бара на друго место“, пишува тој. Токму во таа ранливост, објаснува Папата, „и ние преминуваме од минливи надежи кон трајна надеж“.
„Најтешката форма на сиромаштија,“ продолжува тој, „е да не се познава Бог“. Цитирајќи го апостолскиот поттик Evangelii Gaudium на папата Фрањо, тој ја истакнува неопходноста духовната грижа да не им биде ускратена на сиромашните, бидејќи „посебно се отворени за верата“.
Надежта како сидро
Светиот Отец потсетува дека првите христијани на надежта гледале како на сидро: „Христијанската надеж е како сидро што ги втемелува нашите срца во ветувањето на Господ Исус.“ Во свет погоден од војни, раселување и еколошко разорување, инсистира дека токму таа надеж останува сидрото што го чува достоинството на човекот“.
„Љубовта не е само ветување,“ потсетува Папата. „Таа е сегашна реалност што треба да се прифати со радост и одговорност.“
Општествена одговорност
Повлекувајќи директна линија меѓу верата и општествената одговорност, Папата потсетува на постојаната поука на Црквата дека сиромаштијата мора да се решава на нејзините структурни корени.
„Сиромаштијата има структурни причини што мора да се препознаат и отстранат,“ пишува тој, повикувајќи на политики што ќе ја одразуваат посветеноста на Црквата на работата, образованието, домувањето и здравствената грижа како универзални права.
Осудувајќи ја културата на рамнодушност, тој посочува на бројните „тивки знаци на надеж“ – домови за згрижување, народни кујни, училишта за деца за семејства со ниски приходи – кои, како што вели, премногу често се занемарени.
„Сиромашните не се пречка за Црквата,“ повторува Папата, „Тие се наши сакани браќа и сестри… тие нè доведуваат во допир со вистината на Евангелието.“
Јубилеј на одговорност
Правејќи го својот повик уште поитен, ги потсетува христијаните дека овогодишниот Светски ден на сиромашните е тесно поврзан со тековната Јубилејна прослава: „Откако ќе се затвори Светата Врата, треба да ги негуваме и споделуваме со другите божествените дарови што ни се дадени.“
Затоа, ги повикува верниците да ги гледаат сиромашните не само како приматели на грижа, туку како „креативни субјекти кои нè предизвикуваат денес да пронајдеме нови начини да живееме според Евангелието “.
Папата Лав, исто така, потсетува на еден мудрост од свети Августин, повикувајќи на правда наместо само великодушност: „Му даваш леб на гладниот човек; но подобро би било никој да не биде гладен“.
Завршувајќи ја својата порака,Папата ги доверува сите на Марија, Утешителка на тажните, повикувајќи ја Црквата и светот да издигнат „песна на надеж“ со зборовите од Te Deum: „Во Тебе, Господи, е нашата надеж, и никогаш нема напразно да се надеваме.“
Светски ден на сиромашните
Светскиот ден на сиромашните е воспоставен од папата Фрањо во 2017 година, со цел да ја поттикне Црквата активно да се справува со сиромаштијата во нејзините различни облици. Овој ден е повик до христијаните и до сите луѓе со добра волја да размислат и да дејствуваат, охрабрувајќи ги да се поврзат со оние што живеат во сиромаштија и да работат на прекинување на синџирот. Денот се одбележува на 33. недела од литургиската година.
Ватикан њуз/к.мк