На дванаесетгодишнината од неговиот избор за Папа, папата Фрањо продолжува да закрепнува во римската болница Гемели.
Андреја Торниели
Оваа година, дванаесетгодишнината од неговиот понтификат се совпаѓа со еден посебен момент за папата Фрањо, кој речиси еден месец живее во неговата болничка соба на десетиот кат на болницата Гемели. Вестите кои доаѓаат од најновите медицински билтени се охрабрувачки, неговата прогноза повеќе не е неизвесна и се надеваме дека наскоро ќе може да се врати во Ватикан. Сепак, она низ што поминува Папата во овој момент несомнено ја прави оваа годишнина од почетокот на неговиот понтификат многу необична. Истата година во која е забележано најдолгото меѓуконтинентално патување на папата Фрањо (Индонезија, Папуа Нова Гвинеја, Источен Тимор и Сингапур); завршувањето на Синодата за синодалност; и отворањето на Светите врати со кои го отвори јубилејот, сега сведочи за овој деликатен премин. Наследникот на Свети Петар, болен меѓу болните, страда и се моли за мир, придружуван од хорот молитви на многубројни луѓе ширум светот. Тој, кој во овие дванаесет години никогаш не заврши средба, катехеза или молитвата Ангел Господов без зборовите „Ве молам, не заборавај да се молите за мене“, денес ја чувствува прегратката на толку многу верници и неверници кои искрено се грижат за него.
Јасно е: време е да се разгледа природата на Црквата и посланието на Римскиот бискуп, која е толку различна од онаа на генерален директор на мултинационална корпорација. Пред 12 години, тогашниот кардинал Бергољо им се обрати на Генералната конгрегација, цитирајќи го мислењето на Анри Де Лубак дека „најлошото зло“ што може да го направи Црквата е „духовната световност“: Опасност за Црква е ако „верува дека има сопствена светлина“, која смета на сопствената сила, на нејзината сопствена стратегија, на нејзината моќ и на сопствената успешност и престанува да биде „mysterium lunae”, односно повеќе не ја одразува светлината на Другиот, не живее и не дејствува само по благодатта на Оној што рече: „Без мене не можете да направите ништо “.
Сеќавајќи се уште еднаш на тие зборови, денес со наклонетост и надеж гледаме кон прозорецот на десеттиот кат од болницата Гемели. Му благодариме на папата Фрањо за ова научителство на кревкост, за тој негов сè уште слаб глас кој се приклучи на Бројаницата на плоштадот Свети Петар во последните денови – кревок глас кој продолжува да моли за мир, а не за војна, за дијалог, а не за угнетување, за сочувство, а не за рамнодушност. Среќна годишнина, папа Фрањо! Многу ни е потребен твојот глас.
Ватикан њуз/к.мк