Во Папуа Нова Гвинеја Папата се сретна со деца

Во Папуа Нова Гвинеја Папата се сретна со деца

Во попладневните часови по локално време во сабота, 7 септември 2024 година, во средното техничко училиште на Каритас, на втората етапа од првиот ден од неговата посета на Папуа Нова Гвинеја, папата Фрањо се сретна со деца за кои се грижат две добротворни организации: „Street Ministry“ и „Callan Services“.

На средбата со Папата во Порт Морзби присуствуваа лица со посебни потреби, сиромашни, бездомници или деца без иднина на кои им помагаат и се грижат две добротворни организации на надбискупијата Порт Морезби кои обезбедуваат, пред сè, помош, образование и основните потреби на сите малолетници кои инаку би завршиле на улица.

На влезот во училиштето Папата го пречека кардиналот Џон Рибат, надбискуп од Порт Морзби, а најпрво застана кај две деца кои облечени во свечена облека му подарија букет цвеќе украсено со тропски лисја. Папата ги благослови и им подари колачи.

Папата одговори и на прашањата на две деца: едното беше зошто некои деца имаат попреченост и дали има надеж за нив и зошто немаат можности како другите деца, како можат да бидат корисни за да го направат нашиот свет поубав и посреќен, дури и ако живеат во напуштеност и сиромаштво.

Во својот краток говор, Фрањо појде од овие прашања: „Некои од вас ме прашаа: „Зошто не сум како другите? Само еден одговор ми паѓа на ум, а тоа е: „Затоа што никој од нас не е како другите: затоа што сите сме единствени пред Бога!“. Тоа е потврда дека „има надеж за сите“, повтори Папата, а исто така додаде „дека секој од нас, во светот, има улога и послание што никој друг не може да го исполни, па дури и ако тоа вклучува тешкотии, но во исто време дава изобилство радост, на различен начин за секој човек. Мир и радост за сите“.

Не се важни границите, за работите што знаеме да ги направиме подобро или работите со кои се бориме или воопшто не можеме да ги направиме: „Не е тоа што ја одредува нашата среќа, туку љубовта што ја вложуваме во сѐ што правиме, даваме и добиваме. Секогаш давајќи љубов и примајќи ја со раширени раце љубовта што ја добиваме од луѓето кои нè сакаат: тоа е најубавото и најважното нешто во нашиот живот, во секоја состојба и за секој човек… дури и за Папата! Нашата радост не зависи од ништо друго: нашата радост зависи само од љубовта!“, истакна Папата.

А љубовта е и рецепт за „да го направиме нашиот свет поубав и посреќен“, истакна папата Фрањо во одговорот на второто прашање. „Сакај го Бога и другите со сето свое срце! И обидувајќи се да научиме – дури и на училиште – сè она што можеме да го направиме нека биде на најдобар начин, да учиме и даваме се од себе во секоја можност што ни се нуди да растеме, подобриме и да ги усовршуваме нашите дарби и нашите способности“. Тоа е како кога се подготвувате за голем скок: „Прво се концентрирате и ги насочувате сите сили и мускули во вистинската насока… Истото треба да го правиме и ние: да ја насочиме целата наша сила кон целта, а тоа е љубовта кон Исус, и во него, кон сите браќа и сестри што ќе ги сретнеме на патот, а потоа со восхит да ги опсипиме сите и сѐ со нашата љубов!“.

Во таа смисла, „никој од нас не е товар, туку сите сме убави Божји дарови, богатство еден за друг!“, рече Папата: „Таа светлина секогаш нека гори, која е знак на надеж, не само за вас, но и за сите со кои ќе се сретнете на вашето животно патување, како и за нашиот свет, кој понекогаш е толку себичен и загрижен за работи кои не се важни. Нека гори светлината на љубовта!“, посака Светиот Отец.

Папата Фрањо помина најмалку половина час полагајќи ги рацете на главите на децата, подарувајќи им бројаници и колачи.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот