Солидарност на Папата среде студената зима во Украина

Солидарност на Папата среде студената зима во Украина

Папата Лав организираше испорака на 80 електрични генератори, заедно со лекови и прехранбени производи, за Украина.

Апелот за Украина што Папата го упати на Генералната аудиенција во среда, на 4 февруари, доби конкретен облик на милосрдие како одговор на „последиците од бомбардирањата кои“, како што рече папата Лав XIV, „повторно почнаа да ја погодуваат енергетската инфраструктура“. Обраќајќи се во салата Павле VI, Папата изрази и благодарност за бројните иницијативи на солидарност што се појавија во многу бискупии, особено во Полска. Тој апел сега е преточен во дело преку Дикастеријата за делење на милосрдие, која, по барање на Папата, испрати три камиони со 80 електрични генератори во земјата.

Со ова, Папата одговори на апелите на многу бискупи кои, свесни за страдањата предизвикани од војната, побараа помош за ублажување на тешкотиите што ги носи силниот студ што ја зафаќа Украина. Ноќните температури паѓаат до -15 степени целзиусови, додека дневните се движат меѓу -10 и -12 степени. Многу луѓе беа принудени да ги напуштат своите домови за да најдат топлина во загреани засолништа, каде што, благодарение на генераторите, можат да добијат и топол оброк.

Генератори и лекови

Возилата тргнаа од базиликата Света Софија во Рим, црквата на Украинците во Италија, и веќе пристигнаа на своите дестинации во Фастив и Киев, подрачја кои беа особено погодени од неодамнешните напади. Воените операции се одвиваа и во текот на ноќта во Одеса и Харков, каде што животот го загуби десетгодишно дете. Војната не покажува милост, дури ни кон најмладите. Во оваа клима на страв и насилство, секој гест на солидарност носи момент на олеснување за оние кои веќе четири години живеат со траумата на конфликтот.

Покрај генераторите, во Украина се испратени и илјадници лекови, меѓу кои антибиотици, противвоспалителни средства, додатоци во исхраната и мелатонин, кој е особено баран бидејќи им помага на луѓето да заспијат среде постојан страв и непрекинат стрес.

Благодарност до сите што продолжуваат да помагаат

Дикастеријата за делење на милосрдие, со која раководи кардинал Конрад Крајевски, соопшти и дека се во тек подготовките за уште еден камион со илјадници антибиотици, противвоспалителни и антихипертензивни лекови, како и разни прехранбени производи. Откако помошта ќе пристигне во земјата, распределбата се организира преку парохиските мрежи на различните бискупии. Кардинал Крајевски изразува благодарност во име на Папата, на сите луѓе со добра волја кои продолжуваат да ги поддржуваат оние што страдаат.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот