Слово на животот, јули 2026

Слово на животот, јули 2026

„А посеаното на добра земја е оној што го слуша словото и го разбира, и кој дава род, па донесува: еден сто, друг шеесет, а трет триесет.“ (Матеј 13,23)

Откако му зборуваше на големото мноштво покрај брегот на Галилејското Езеро преку параболи, Исус им се обраќа на учениците и им го објаснува длабокото значење на своите зборови.

Главниот лик во нашата приказна е Божјото Слово, споредено со мало и кревко семе. Камењата, трњето и птиците можат да го спречат семето да никне, да пушти корен и да донесе зрело класје, но мудриот сејач добро ја познава неговата восхитувачка животна сила.

Со овие слики Исус го открива односот меѓу човекот и Словото што Бог изобилно го нуди. Некои го прифаќаат, а други, од различни причини, дозволуваат да падне на земјата без да донесе плод. Во човечкото срце, површноста и претераната загриженост за материјалните нешта го загрозуваат чудото на натприродниот живот што самиот Бог сака да го разгори во своите созданија.

Како учениците, така и нас Исус нè повикува да навлеземе во понизната тајна на Божјата љубов. Во исто време, лично нè повикува да донесеме одлука: каква „почва“ сакаме да бидеме?

„А посеаното на добра земја е оној што го слуша словото и го разбира, и кој дава род, па донесува: еден сто, друг шеесет, а трет триесет.“ (Матеј 13,23)

Да се слуша и да се разбере. Се чини дека токму во тоа е тајната што нè прави плодна почва, во која семето на Словото може да ја покаже својата сила и да донесе добар род.

Колку е драгоцена подготвеноста да се слуша! Тоа е духовен простор за Божјиот живот. Бог секогаш ни претходи со Неговто милосрдие, со трпеливоста на работникот кој го познава и го почитува времето потребно за созревање.

Како што пишува Кјара Лубик: „Божјите зборови однатре го просветлуваат не само умот, туку целото наше битие, затоа што се светлина, љубов и живот. Тие даваат мир – оној што Исус го нарекува свој: „мојот мир“ – дури и во мигови на вознемиреност и страв. Тие даваат полнота на радоста и среде болката што понекогаш ја обзема душата. Даваат сила, особено во мигови на малодушност или обесхрабрување. Нè прават слободни затоа што го отвораат патот кон Вистината. […] И во нас треба да се роди силна љубов кон Божјото Слово: внимателно да го примаме кога ни се објавува во црквите, кога го читаме, го проучуваме и размислуваме за него… Но, пред сè, повикани сме да го живееме. […] Живеејќи само еден Исусов збор, го живееме целото Евангелие, затоа што Тој во секој свој збор се дарува целосно. Тој самиот доаѓа да живее во нас […] и го преобразува нашиот начин на мислење, сакање и дејствување во сите животни околности.“

„А посеаното на добра земја е оној што го слуша словото и го разбира, и кој дава род, па донесува: еден сто, друг шеесет, а трет триесет.“ (Матеј 13,23)

Вамбил од Мексико раскажува:  „Тоа беше период кога се чувствував како да сум заробен во длабока бездна. Тогаш бев во насилна врска и се обидував сам да избегам и да ги решам сите проблеми со сопствени сили. Под влијание на социјалните мрежи и надворешната врева, често следев содржини што не беа водени од Бога. И покрај сите мои напори, и понатаму се чувствував празно и изгубено. Знаев дека љубовта е универзален јазик. Кога почнав да волонтирам, најдов исполнетост што можеше да дојде само од Бога. Со текот на времето открив место каде што можев да го слушам Неговото Слово и да растам во односот со Него. Длабоко сум благодарен.“

Дури и кога се чувствуваме како сува и каменеста почва, токму Словото е делотворно, како што ни открива пророкот Исаија:

„Како што паѓа дожд и снег од небото непрекинато додека земјата не се напои, не се оплоди и не се зазеленее, за да му даде семе на сејачот и леб за јадење, така Словото што излегува од Мојата уста не се враќа при Мене без плод, туку го прави она што го сакав и ќе го изврши она заради кое го испратив..“ (Исаија 55,10–11)

Носени од оваа надеж, во време исполнето со стравови и тензии, да ја негуваме довербата и во жените и во мажите со кои го делиме животот. Да веруваме во нивната способност да донесат добри плодови, создавајќи можности за слушање и дијалог, како заедно би чекореле кон хоризонтот на братството.

Подготвиле: Летиција Магри и тимот на „Слово на животот“.

Категорија: Вера, Духовност

За авторот