Скопје: Прославен празникот на света Мајка Тереза

Скопје: Прославен празникот на света Мајка Тереза

Врвот на духовно културната манифестација „Денови на Света Мајка Тереза“ од 3 до 5 септември 2018 година во Скопје се прослави со свечена Евхаристија во Скопската катедралата на самиот празник  Света Мајка Тереза, 5 септември, која ја предводеше помошниот  бискуп  врхбосански монс.  д-р Перо Судар.

Со монс. Судар, сослужуваше месниот ординариј монс. др. Киро Стојанов и свештеници од Скопската бискупија и Струмичко – скопската епархија.

Свеченоста започна со процесија со моштите на Света Мајка Тереза околу Скопската катедрала.

На почетокот бискуп Стојанов рече: „Драги браќа и сестри, „Деновите на света Мајка Тереза“ полека стануваат традиција. Од неколкуте настани овие денови во Скопје и овој настан, оваа Евхаристија е од особена важност. Зошто? Затоа што се случува во нејзиниот роден град Скопје, што неминовно нѐ потсетува на „корените“ од кои што израсна Мајка Тереза. Никогаш не смееме да заборавиме дека таа е родена тука, дека е крстена тука и дека темелите на своето христијанско искуство ги стекнала тука. Сите луѓе, а посебно нас во Скопје овој факт не обврзува со спомнувањето, молитвата и благодарноста постојано да ја правиме „жива меѓу нас“. Кога некој доаѓа во Скопје треба да искуси дека ова е „Град на света Мајка Тереза“.Со длабока почит меѓу нас го поздравувам и мојот собрат и предводител на оваа света Евхаристија Неговото Преосвештенство монс. д-р Перо Судар.

Превозвишени Оче бискупе, радосно ве поздравувам во името на оваа наша месна Црква која се собира во Скопје и која ми е поверена во Името Исусово – во бискупската служба – да ја предводам.“

Во пригодната хомилија бискупот Судар рече: „Драги Оче бискупе Киро, почитувани браќа свештеници, и почитувани толку многу разновидни чесни сестри, почитувани браќа и сестри! Светата Литургија која вечерва ја славиме е врховен чин на Божјата љубов кон човекот и врховен чин на човечка вера и доверба во Бога. Во таинството на Лебот и Виното, живиот Бог ни се дарува како храна, пред тоа со своето Слово Бог сака да го просветли нашиот дух за храбро и радосно да ги носиме и поднесуваме нашите крстови “.

„Денешното Божјо Слово кое го слушнавме на три јазици – еве ја убавината – одговара на три прашања на човечкиот дух. Што е Бог? Откако почнал да размислува човекот секогаш се прашувал за Бог, за некоја сила, за нешто што мора да постои и наоѓал најразлични одговори“.

„Не постои ниеден период на човечка историја – археологијата запишува 33.000 години – а човекот да не се запраша : Од каде потекнувам? Кој ме постави тука? Библијата вели, откако Бог му го вдахнал својот Дух. Тој Дух во нас се прашува и бара. И само Бог можел да одговори на такво важно прашање. И Бог одговори: Јас сум Љубов. Тоа е создателната моќ која дава живот, која се држи и одржува. На човекот му било важно и прашањето: Каков е односот на човекот со Бог? Слушнавме од книгата на пророкот Исаија. Сѐ што Бог прави и го дава на човекот, му го дава преку човекот. И третото судбоносно прашање, кое сите ние го поставуваме без оглед на светогледот: „ Дали е ова сѐ? Дали е ова сѐ што има? “  Не може да биде така, ни вели нешто одвнатре. Така совршен е тој свет… Најтежок грев на нас луѓето е дека не размислуваме, што не се запрашуваме себеси… Човекот осознава дека има срце дури кога ќе почне да чуствува болка. Не е возможно сѐ да функционира совршено, во природата, а потоа само со една солза во окото, се разделуваме од сѐ и сѐ исчезнува“.

„Ако мојот однос со Бог е поврзан со другите луѓе, онаа последната, одлучувачка средба: полнота на човекот и Бог. Човекот можеш да го сретнеш само ако си го прифатил човекот. Се чини едноставно, но тешко е да се поверува. Човекот не може да биде сам, Бог слезе кај човекот да му даде доверба, а потоа тоа да го живее“.

„Еве охрабрувачки факти на нашата потрага, одење за Бога. Денес, Католичката црква низ целиот свет, а особено оваа катедрала, пие од изворите на еден од тие сведоци денес. Славиме спомен, а овде во оваа катедрала можеме да кажеме и празник на Света Мајка Тереза“.

„Оваа светица пред точно 70 години се облекла во едноставна индиска облека и тргнала помеѓу најсиромашните меѓу сиромашните.  За неполни 50 години зрното жито порасна толку многу, толку се развило. Се прашуваме пред оваа голема светица како е тоа можно, кога ние своите слабости, својата немоќ и бавноста на срцето, кога го гледаме тој лик се прашуваме како е тоа можно. Можно е единствено ако човекот, душата навистина поверува во овие три вистини: Бог ме создаде затоа што ме сака. Тој ми даде сѐ и ми дава со луѓето и преку луѓето и Бог со кои се идентификувал со човекот ќе се сретне во ликот на човекот.  И ќе се сретнам со Бога преку човекот. Тоа е основната вера на Мајка Тереза. Нејзината желба е да ја угаси жедта на Исус за луѓето. Бог е жеден за човекот, голема тајна на нашата вера. Бог е жеден за мене и за тебе, за нашата љубов“.

„Еве сведоштво дека и денес е возможноно најпрвин да се верува, а потоа да се верува својата вера. А потоа она што е многу важно во овој свет на различности: да се прифати човекот, бидејќи е човек, тоа е величината на оваа светица, таа го сакаше човекот поради Бога, но го љубеше човекот без разлика на тоа кој е тој, без разлика од каде доаѓа, без разлика на тоа во каква состојба се неговото тело и дух“.

„На сите вас, и на сите луѓе во оваа земја, еве ги причина за гордост, Бог под овие услови можел за себе да одбере и да го одгледа овој плод, овој цвет. Можеме да му се заблагодариме на Бога за оваа светица, за тоа што се родила и воспитала тука, да му заблагодариме за тоа што е можно една толку, непозната заедница на верници католици да даде толку величествен плод. А тоа е охрабрување и повик: Човеку, Бог те повикува на големо, во твоите мали, ситни можности, Бог од твоето мало синапово зрно може навистина да изврши голем плод на спасение“.

,,Во какви и да било животни услови да бидеме, имаме право да живееме гордо и радосно, да го носиме гордо и стрпливо својот крст знаејќи кој не љуби, кој ни дава сила… Човеку, биди горд на она што си, но биди отворен и љуби ги луѓето поради тоа што се. Ова е почеток, ова е семе на Божјото Царство, тоа е сила која може сите нас да нѐ води до Вечноста каде што веруваме дека е Мајка Тереза. Да и ги принесеме сите наши потреби на оваа светица. Оваа моќна застапничка знае како тоа да го пренесе и предаде да Божанското срце, а тоа го научи тука.’’

После попричесните молитви предводени од бискупите, собраната заедница ја измоли молитвената накана на Света Мајка Тереза, потоа децата од парохијата му предадоа на бискупот Судар икона на Блажена Девица Марија во знак на благодарност за посетата и охрабрувачките зборови.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот