Сестра Симона Брамбила, прва жена именувана за префект на Дикастерија на Светиот Престол

Сестра Симона Брамбила, прва жена именувана за префект на Дикастерија на Светиот Престол

На празникот Богојавление на 6 јануари 2025 година, папата Фрањо ја именува монахињата Симона Брамбила, за префект на Дикастеријата за институти  за посветен живот и дружби на апостолскиот живот, досегашна секретарка на таа Дикастерија. Папата го именуваше кардиналот Анхел Фернандез Артиме за потпрефект на истата Дикастерија.

Сестра Симона е родена во Монзи на 27 март 1965 година. Откако во 1986 година се стекнува со диплома за медцинска сестра, во 1988 влегува во Конгрегацијата на сестрите мисионерки Консолате, каде во 1991 година ги положува првите завети. Во 1998 година, се стекнува со лиценца за психологија на Институтот за психологија на Папскиот универзитет Грегоријана. Во 1999 година, заминува во Мозамбик, каде што се занимава со пасторал за млади во Центарот за студии Макија Ксирима во Маја.

Од 2002 до 2006 година била професорка на Институтот за психологија на Папскиот универзитет Грегоријана. Од 2005 до 2011 година била генерална советничка на Конгрегацијата на сестрите мисионерки Консолате. Во 2008 година, се здобива со докторат по психологија на Папскиот универзитет Грегоријана.

Во 2011 година е избрана за главна поглаварка на Конгрегацијата на сестрите мисионерки Консолате, а во 2017 година е реизбрана на таа функција до мај 2023 година. Од 2019 година е членка на Дикастеријата за институти за посветен живот и дружби за апостолски живот. Од 7 октомври 2023 година ја извршува функцијата секретарка на таа Дикастерија.

Од почетокот на понтификатот на папата Фрањо, присуството на жени во Ватикан е зголемено. Според вкупните податоци што ги опфаќаат и Светиот Престол и Ватикан од 2013 до 2023 година, процентот на жени се зголемил од 19,2% на 23,4%.

Преку Апостолската конституција за Римската курија „Praediate Evangelium“, од 2022 година, Папата овозможи на мирјани, вклучително и жени да ја водат дикастерии и да станат префекти, улога која претходно беше резервирана за кардиналите и надбискупи.

Во Ватикан, папата Фрањо именуваше две жени на водечки позиции за време на својот понтификат. Во 2016 година, тој ја назначи Барбара Јата за директор на Ватиканските музеи, кои традиционално ги водат лаици. Во 2022 година, ја именува сестра Рафаела Петрини за генерална секретарка на администрацијата на државата Ватикан, функција што обично ја има епископ.

Има и неколку потсекретарки, како Габриела Гамбино и Лина Гисони во Дикастеријата за лаици, семејство и живот, додека сестрата Кармен Рос Нортес служи како потсекретарка во Дикастеријата за институти за посветен живот и дружби на апостолски живот.

Емилче Чуда е секретарка на Папската комисија за Латинска Америка; Наташа Говекар раководи со теолошко-пасторалното одделение на Дикастеријата за комуникации; Кристијана Мареј е заменик директорка на Канцеларијата за печат на Светиот Престол; а Шарлот Кројтер-Кирхоф е заменик координаторка на Економскиот совет. Генералниот секретаријат на Синодата има и потсекретарка, сестра Натали Бекарт, родена во Франција.

На 13 декември 2024 година, Папата ги именува сестрата Симона Брамбила и Марија Лија Зервино за членови на 16-от Редовен совет на Генералниот секретаријат. Марија Лија Зервино во 2022 година е именувана и за член на Дикастеријата за епископи.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот