Дикастеријата за промовирање на интегрален човеков развој ја објави темата избрана од Папата за екуменската иницијатива која ќе се одржи од 1 септември до 4 октомври 2025 година.
„Семе на мирот и надежта“ е темата што ја избра папата Фрањо за овогодинешниот Светски ден на молитва за грижа за создадениот свет, кој ќе се одбележи на 1 септември, а со кој започнува „Времето на создавањето“. Станува збор за екуменска иницијатива која станува неизбежен настан за сите христијани посветени на заштитата на нашиот заеднички дом, а се одржува од 1 септември, односно од споменатиот Светски ден на молитва за грижа на созданието, па се до 4 октомври, до празникот на Свети Фрањо Асишки.
Како што посочува Дикастеријата за промовирање на интегрален човеков развој во соопштението за печатот, темата на изданието за 2025 година на оваа иницијатива, Јубилејната година и 10-годишнината од објавувањето на енцикликата „Laudato si“, е „мир со созданието“, а библиската основа за оваа иницијатива е делот од Книгата на Исаија 32:14-38. Како што беше истакнато во учителството на папата Фрањо и неговите претходници, врската помеѓу мирот и грижата за созданието е многу блиска (сп. пораките за Светскиот ден на мирот во 1990 и 2010 година). Исто така, постои многу тесна врска помеѓу војната и насилството од една страна, и деградацијата на заедничкиот дом и губењето ресурси, односно уништувањето и вооружувањето од друга страна.
Пораката поттикнува на молитва за да се создадат услови за мир, траен мир изграден заеднички, кој влева надеж. Метафората на семето ја покажува потребата од долгорочна посветеност. Во пораката се претставени добри практики и семе на мир и надеж од различни континенти.
Ватикан њуз/к.мк