Петти ден: Душата скриена во Пресветото Срце
Исус те повикува во Назарет, за да живееш со Него скриено и непознато, заштитен од сите човечки грижи и во понизно славење на Бога.
Размислувај за чувствата на Воплотеното Слово во овој период од Неговиот земен живот. Каква понизност! Каква послушност! Каква тишина! Целата Негова надворешност е скромна и повлечена; силите на Неговата душа се внесени во највисоко созерцание. Тој љуби, слави! Го велича Својот Небесен Отец, а истовремено на земјата се потчинува, со послушност на дете, според упатствата на Марија и Јосиф.
Обиди се да го најдеш Божествениот Образец во тајните на внатрешноста на своето срце, во тишината на својата повлеченост. Насочи ги и своите најмали дела кон желбата да Го љубиш Бога, да Му угодиш и да Го славиш онака како што тоа го правел Скриениот Исус во Назарет.
Нека твоите разговори бидат небесни. Прифати ги ситуациите во кои изгледа дека другите не те сакаат, дека си запоставен. Посакај да не се истакнуваш, да не бидеш пофален, другите да бидат ценети повеќе од тебе.
Сакам да живеам скриен во Тебе, мил мој Спасителу, зашто само Ти си доволен да ме направиш среќен.
Кармел-бси/к.мк

