Мирот не е утопија, туку пат кон разоружување на срцето и светот

Мирот не е утопија, туку пат кон разоружување на срцето и светот

„Мир со сите вас. Кон разоружан и разоружувачки мир“ е насловот на пораката на папата Лав XIV за 59-от Светски ден на мирот, кој Црквата го одбележува на 1 јануари. Пораката беше презентирана во четврток, 18 декември 2025 година, во Канцеларијата за печат на Светиот Престол.

За време на прес-конференцијата на која беше презентирана пораката на Папата, кардиналот Михаел Черни, префект на Дикастеријата за промоција на интегрален човечки развој, истакна: „Пораката на Папата за 2026 година е размислување кое оди многу подлабоко од политиката или стратегијата. Таа го сместува мирот во неговото првобитно живеалиште: човечкото срце, без оглед на верата, а особено ако е христијанска. Но, нашето срце не е само мирно. Тоа е и агресивно, и во себе и кон другите“, предупреди кардиналот и продолжи:

Папата повикува не само на разоружување на срцето и на ефикасен дијалог, туку и на разоружувачки пат на дипломатијата, медијацијата и меѓународното право, кој, за жал, премногу често е поткопан од сè почестите прекршувања на тешко постигнатите договори, во моменти кога мултилатералните институции треба да се зајакнат, а не да се делегитимизираат.

„Стравот е фундаментална пречка за разоружување. Идејата за одвратувачката моќ на воената сила, особено нуклеарното одвраќање, се заснова на ирационалноста на односите меѓу народите, изградени не врз закон, правда и доверба, туку врз страв и доминација со сила. Но, мирот постои“, кардиналот Черни цитирајќи го папата Лав XIV, додава:

Човечкото срце кое копнее по мир може да ги надмине нашите стравови и нашите илузии за доминација. Ако навистина сакаме мир, пораката нè повикува да се соочиме со нашата внатрешна, мала, секојдневна воинственост. И ова не се однесува само на политичките, економските и културните лидери, туку на сите нас. Пораката го користи концептот на целосно разоружување, првпат предложен од папата Иван XXIII, кое може да се постигне само преку обнова на срцето и умот.

Особено внимание беше посветено на личното искуство на парохискиот свештеник на мостарските парохии Свети Лука и Марко Евангелист, отец Перо Миличевиќ. Тој рече дека пред 32 години во Дољани, општина Јабланица, ги доживеал темнината и злото на војната. Имено, на 28 јули 1993 година, припадници на муслиманските воени единици и Армијата на Босна и Херцеговина го нападнале неговото село и убиле 39 лица, од кои осум биле членови на неговото семејство. Тој самиот, со остатокот од неговото семејство и околу триста протерани Хрвати, поминал седум месеци во логор во Јабланица.

За време на заробеништвото, моравме да ги одржуваме нашите срца мирни и да не размислуваме за одмазда. Во логорот, во моменти на внатрешен превирања, бевме поткрепени од секојдневната Бројаница што нè научи нашата мајка. Ни даваше надеж. Периодот на заробеништво беше тежок. Немавме доволно храна, немаше хигиена и спиевме на ладни камени плочи. Откако го напуштивме логорот, ги закопавме коските на нашиот татко, бидејќи неговото тело остана непогребано седум месеци. Многумина ја прашуваа мајка ми, а и сите нас, како можеме да го издржиме сето ова. Никогаш немаше да издржиме без вера, молитва и копнеж по мир. Нашето воспитување во верата во Бога нè хранеше и ни помогна да ги надминеме ужасите што ги видовме.

Отец Перо ги спомена и зборовите на Светиот Отец од пораката: „Ако мирот не е реалност што се доживува, чува и негува, агресијата се шири во семејниот и јавниот живот. Мирот мора да се живее, негува и чува“. „Затоа, дваесет години по напуштањето на логорот, се вратив на местото каде што бевме затворени. Солзите течеа, но тоа ми помогна повторно да го најдам мирот“.

Затоа решив да ја раскажам мојата приказна, бидејќи сакам да ја подигнам свеста дека злото се победува со добрина и прошка, а не со одмазда и оружје. Како што вели Папата, добрината разоружува; преку неа се постигнува мир. Тој не е загарантиран со складирање на оружје, туку со срца кои се подготвени да прифатат мир, со свест дека тоа е дар што треба да се сподели. Христос го носи мирот во светот не со оружје, туку со љубов, милост и правда. Правдата е токму она што човекот го бара, а мирот е и плод на правдата. Затоа, Папата нагласува дека денес, повеќе од кога било, правдата и човечкото достоинство се изложени на нерамнотежата на моќта помеѓу посилните и послабите. Затоа добрината, љубовта, дипломатијата и духовните и културните иницијативи се она што ја одржува надежта за мир жива.

За Пораката зборуваа и Томасо Греко, редовен професор по филозофија на правото на Универзитетот во Пиза, и новинарката д-р Марија Ањезе Моро, ќерка на убиениот политичар Алдо Моро.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот