Свети Петар и Павле – сведоци и примери на верата

Свети Петар и Павле – сведоци и примери на верата

Денес ги славиме Апостолските првенци чии два гласа се претвориле во моќен одек за навестувањето на Божјата вистина која од самиот почеток на ширењето на радосната вест почнала да го исполнува целиот свет.

Веќе од најстарите времиња Црквата на ист ден ги слави празниците на светите Петар и Павле кои за време на прогонствата од царот Нерон ги положиле своите животи за Исус Христос во Рим. Иако меѓу нив постоела голема разлика, истата вера во Божјиот Син ги споила во едно, а разликите се претвориле во различност кои станале богатство за целата Црква. Нивните два гласа се претвориле во моќен одек за проповедувањето на Божјата вистина која од самиот почеток на ширењето на радосната вест почнала да го исполнува целиот свет. Затоа свети Августин проповедувајќи на празникот на нивното маченичко сведоштво ќе каже:

Денешниот ден е посветен со мачеништвото на блажените апостоли Петар и Павле. Не зборуваме за некои непознати маченици. „Гласот им се разнесе по целата земја, и зборовите нивни до краиштата на вселената“ (Рим 10,18). Овие маченици го виделе она што го проповедале. Тие ја следеле праведноста, ја исповедувале вистината и за неа умреле.

А вистината за која умреле била Исусовата вистина поради која Петар го добил своето име Карпа, а на која и едниот и другиот биле втемелени. И додека и едниот и другиот едногласно ја навестувале оваа вистина, Црквата никогаш од вид не испушти да нагалси дека Петар е прв од апостолите која ја исповедал, заради што Христос го почестил со божествениот атрибут давајќи му име на карпа, како што објаснува свети Августин:

Блажениот Петар, првиот меѓу апостолите, ревно го сакаше Христа. Заслужил да слушне: „А јас тебе ти велам: Ти си Петар’ (Мт 16,18). Тој всушност беше рекол: Ти си Христос, Син на живиот Бог“ (Мт 16,16). А Исус нему му oдоговорил: „А Јас тебе ти велам: Ти си Петар-карпа и на оваа карпа ќе ја изградам Црквата своја“ (Мт 16,18). На таа карпа ќе ја изградам верата која ја исповедуваш. Затоа што рече: „Ти си Христос-Помазаник, Син на живиот Бог“ ќе ја изградам Црквата своја. Ти всушност си Петар. Името Петар доаѓа од зборот ‘карпа’ (петра), а не доаѓа зборот Петар ‘карпа’ . Така да Петар доаѓа од зборот “карпа’ како што зборот христијанин доаѓа од името Христос.

Така Петар го добил името според Христос – карпа на нашето спасение, за да на неа би била изградена и зацврстена во единство верата на сите верници. Иако ниту Павловата цврстина на навестување и сведочење не била помала од онаа на Петар, сепак само Петар ја добил привилегијата да ја претставува универзалноста и единството на целата Црква, која претставува голема тајна за која свети Августин не може да го игнорира ликот на Првенецот од апостолите додека им проповеда на своите верници:

Господ Исус Христос, како што знаете, пред неговото мачење ги избра своите ученици и ги нарече апостоли. Меѓу нив само Петар заслужил речиси насекаде да го претставува ликот на целата Црква. А заради овој лик со кој самиот ја претставува црквата заслужил да слушне: „Тебе ќе ти ги дадам клучевите од небесното царство“ (Мт 15, 19). Овие клучеви ги примала заедницата на Црквата, а не само еден човек. Од тука се подразбира Петровото определување, бидејќи тогаш кога било кажано „Тебе ке ти ги дадам“ – тоа значи дека биле дадени на сите – а тој ја претставувал универзалноста и единството на Црквата.

Исто така важи и за љубовта кон Господ и за пастирската мисија коа ја примиле од него. Очигледно Господ со причина на посебен начин на Петар му ја нагласил мисијата да ги пасе неговите овци и јагниња, иако сите апостоли со иста цел ја навестувале радосната вест, како што и самиот Павле кој ја евангелизирал цела Мала Азија и Грција, па и пошироко. Од сите апостоли се очекувало да го љубат Господ, а Павле ја напишал и најубавата страница посветена на Божјата љубов, но Христос на посебен начин сакал во Петар да ја разгори потребата и свеста на љубовта која е најголема пастирска доблест и моќ. За тоа свети Августин ќе го рече следново:

Исто така со право Господ по воскресението го доверил на Петар пасењето на своите овци. Не е тој единстениот меѓу учениците што заслужил да ги пасе Господовите овци, туку кога Христос му зборува на еден, тоа е доверено на сите, и тоа на Петар на прво место, бидејќи Петар е прв меѓу апостолите. Апостолу, не биди тажен: одговори прв пат, одговори втор пат, одговори трет пат. Исповедувањето три пати нека победи во љубовта бидејќи и вообразеноста била три пати надмината во стравот. Трипати мораш да го разрешиш она што трипати си го сврзал. Љубовта разрешува тоа што од страв си сврзал. Бидејќи и Господ еднаш, двапати, па и трипати ги доверил своите овци на Петар.

Како што гледаме Петар имал посебна мисија во Црквата, но и двајцата ја трчале истата трка на верата и примиле ист венец на праведноста со кој ги крунисал Господ. Затоа тие двајцата го оставиле единственото сведоштво и поттик на Црквата и на верниците од сите времиња. Не треба да се плашиме да одиме по трагата на нивното сведоштво, особено преку верата и исповедувањето на Господовото божество, но исто така не смееме да заборавиме да ја сведочиме љубовта која ги водела и им дала сила да го положат својот живот и да ја пролеат крвта со цел ние да би имале цврсти темели на верата, т.е. за да би биле зацврстени на Карпата – Хрситос. Во овој дух, ниту свети Августин не се двоумел да ги повика своите верници да ги почитуваат овие двајца големци на верата и почитувањето да не биде само надворешна прослава, туку и прилика да бидат наследувани: Еден е денот на мачеништвото за двајцата апостоли. Тие двајца биле едно. Иако трпеле во различни денови, тие биле едно. Прв отишол Петар, по него го следел Павле. Да го прославиме свечениот ден кој ни го посвети крвта на апостолите. Да ја љубиме верата, животот, напорите, страдањата.

МОЛИТВА:

Боже, твојот Син на блажениот Петар му ги дал клучевите од небесното царство, а преку свети Павле ја рашири својата Радосна вест низ целиот свет; те молиме, заштити го својот народ кој се става под заштита на твоите апостоли свети Петар и Павле. Спаси го, зацврсти го со верата, утеши го со надежта, дарувај го со љубов и со вечна одбрана. Преку Христос, нашиот Господ. Амин.

Битно.нет/З.А.

 

 

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот