Префектот на Конгрегацијата за прогласување на светци, кардинал Марчело Семераро, за време на аудиенцијата на папата Фрањо му го претстави позитивното мислење од Пленарното собрание на Конгрегацијата за доделување на титулата црковен учител на свети Иринеј Лионски.
На утринската аудиенција кај папата Фрањо на 20 јануари 2022 година, кардиналот Марчело Семераро даде потврдно мислење од Пленарното собрание на Конгрегацијата за прогласување на светци за доделување на титулата црковен учител на светецот од II век, Иринеј Лионски. Папата Фрањо веќе зборуваше за ова на 7 октомври минатата година на средба со Мешовитата православно-католичка работна група „Свети Иринеј“. Во таа прилика тој рече дека наскоро со задоволство ќе го прогласи нивниот патрон за црковен учител, нарекувајќи го светецот важен духовен и теолошки мост меѓу источните и западните христијани, нагласувајќи дека во неговото име е врежан зборот „мир“.
Се верува дека свети Иринеј е роден во Смирна, во денешна Турција помеѓу 130 и 140 година и припаѓал на христијанско семејство со грчко потекло. Како млад се сретнал со свети Поликарп, епископот на тој град, ученик на свети Иван. Потоа околу 170 година оди да го проповеда евангелието во Галија. По трагичната смрт во затвор на епископот Потин во 177 година, Иринеј бил повикан да го наследи неговото место како епископ во Лион и оттогаш целосно се посветил на пастирската служба до 202 година кога загинал во масакрот на христијаните во Лион за време на царот Септимиј Северус. Погребан е во црквата Свети Иван, подоцна наречена Свети Иринеј. Неговиот гроб бил уништен во 1562 година, а неговите останки биле расфрлани од Хугенотите за време на верските војни.
За време на истата аудиенција, Папата го одобри за објавување декретот за признавање на херојските крепости на Божјите слуги Франческо Саверио Топи, OFMCAp, Прелат од Помпеја (1925-2007); Марија Тереза ДеВинсенти, основач на Конгрегацијата на малите работници на Пресветите Срца на Исус и Марија (1872-1936) и Габриел Боргарино, член на Општествотт Ќерки на милосрдието (1880-1949).
Ватикан њуз/к.мк