Светиот Престол ја претстави маскотата за јубилејот во 2025 година

Светиот Престол ја претстави маскотата за јубилејот во 2025 година

Светиот Престол ќе учествува на меѓународниот фестивал на стрипови и видео игри Lucca Comics & Games, кој ќе се одржи во италијанскиот град Лука. На форумот ќе биде претставена и официјалната маскота за јубилејот 2025 година.

„Дикастеријата за евангелизација на Светиот Престол за прв пат ќе учествува на тосканскиот фестивал – најважниот саем во Европа посветен на стрипови, игри, видео игри, цртани филмови, фантазија, илустрации и ТВ серии“, најавија челниците на дикастеријата на 28 октомври 2024 година

Надбискупот Рино Физикела, пропрефект на ватиканската дикастерија, рече дека учеството на форумот ќе биде можност да се претстави официјалната маскота на јубилејот – Луче (од италијански: Светло), симбол на надежта и братството, вредностите, кои целосно одговараат на темата на фестивалот.

За време на прес-конференцијата во зградата Канцеларијата за печат на Светиот Престол, надбискупот рече дека Луче е создаден од желбата да ја вклучи поп-културата, која ја сакаат младите. Дизајниран е од италијанскиот уметник Симоне Лењо. Маскотата е ходочесник во жолт мантил и чизми извалкани од нечистотијата на поминатиот пат, со мисионерски крст околу вратот, ходчеснички стап и блескави очи, симбол на надеж во срцето.

„Веруваме дека изложбата како Lucca Comics & Games ќе ни овозможи да разговараме со помладите генерации за темата на надежта, која е централна за евангелската порака“, додаде надбискупот Физикела.

Павилјонот на Светиот Престол на фестивалот Lucca Comics & Games ќе се вика Luca & Friends. Ќе биде лоциран во надбискупската палата во Лука и ќе биде отворен од 30 октомври до 3 ноември 2024 година. Посетителите на павилјонот не само што ќе имаат можност да се сретнат со првата маскота во историјата на црковните јубилеи, туку и да добијат информации за настаните, кои ќе се одржат во рамките на Светата година во Рим.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот