Лав XIV на 24 мај 2025 година потсети на мисионерскиот повик на ватиканските институции, за време на аудиенција за раководителите и вработените во Римската курија, институциите на Светиот Престол, Управата на Ватикан, Римскиот викаријат, како и членовите на нивните семејства.
„Ова е наша прва средба и не е момент за програмски говори, туку за мене е прилика да кажам „благодарам“ за службата што ја извршувате, забележа Светиот Отец.
„Како што знаете, дојдов тука само пред две години, кога драгиот папа Фрањо ме именува за префект на Конгрегацијата за епископи. Потоа ја напуштив епархијата Чиклајо во Перу и дојдов да работам тука. Голема промена!“, додаде папата Лав XIV.
„Папите се менуваат, Куријата останува“, рече Петровиот наследник, нагласувајќи дека секоја Курија е институција која го зачувува и пренесува историското сеќавање на Црквата и служењето на нејзините епископи.
„Ова е многу важно, бидејќи сеќавањето е суштински елемент на живиот организам. Поврзано е не само со минатото, туку и ја храни сегашноста и води кон иднината. Без сеќавање, патот е изгубен“, рече Папата, истакнувајќи дека работењето во Римската курија значи придонес во зачувувањето на живото сеќавање на Апостолскиот престол, за да може служењето на Папата да се извршува на најдобар можен начин.
Друг аспект на кој Светиот Отец привлече внимание е „мисионерската димензија на Римската курија и на секоја институција поврзана со Петровото служење“, што е нагласено во Апостолската контитуција „Praedicate Evangelium“.
„Како што знаете, мисионерското искуство е дел од мојот живот – и не само затоа што сум крстен, како сите христијани, туку и затоа што како августински монах бев мисионер во Перу и меѓу перуанскиот народ мојот пастирски повик созреа. Никогаш нема да можам доволно да му се заблагодарам на Господ за овој дар!“ рече Папата.
Светиот Отец ги повтори зборовите што ги изговори на 8 мај 2025 година, веднаш по неговиот избор: „Мораме заедно да го бараме патот да бидеме мисионерска Црква – Црква која гради мостови, дијалог, секогаш отворена да ги пречека […] со отворени раце сите на кои им е потребно нашето милосрдие, нашето присуство, дијалог и љубов“.
Лав XIV забележал дека станува збор за послание кое Бог му го доверил на Петар и неговите наследници. „И сите вие, секој на свој начин, придонесувате за ова големо послание. Секој придонесува извршувајќи ја својата секојдневна работа со посветеност, а исто така и со вера, бидејќи верата и молитвата се како сол на храната: тие даваат вкус“, додаде папата Лав XIV.
„Значи, ако сите сакаме да придонесеме за големото послание за единство и љубов, да се стремиме да го правиме тоа првенствено преку нашето однесување во секојдневните ситуации, почнувајќи дури и од работната средина.“
„Секој може да биде градител на единство преку својот став кон колегите, надминувајќи ги неизбежните недоразбирања со трпение и понизност, ставајќи се во кожата на другите, избегнувајќи предрасуди, како и со добра доза на хумор, како што нè поучи папата Фрањо“, рече на крајот од својот говор Лав XIV.
Ватикан њуз/к.мк