Прва Причест и Миропомазание во Скопската катедралата: Епископот Стојанов повика на живот во вера

Прва Причест и Миропомазание во Скопската катедралата: Епископот Стојанов повика на живот во вера

Во недела 8 јуни 2025 година, во Катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје на празникот Педесетница, познат и како Духовден, Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов, во заедништво со катедралниот парох дон Винко Маслаќ, служеше света Литургија на која 14 млади ја примија Светата тајна Миропомазание, а 5 деца за првпат ја примија Првата света Причест. На свеченоста присуствуваа голем број на верници, како и родители и роднини на првопричесниците и миропомазаниците.

Во својата проповед, бискупот Стојанов се наврати на значењето на крштевањето и миропомазанието во животот на христијанинот. Крштевањето, често примано во детска возраст, е темел на христијанскиот идентитет. Но со миропомазанието, нагласи епископот, младите свесно го примаат Светиот Дух „стануваат вистински, возрасни членови на Црквата и се повикани да сведочат со својот живот дека Исус живее во нив,“ рече бискупот.

Во својата проповед, тој истакна дека преку Светата Тајна Миропомазание, „Светиот Дух се спушта врз нас за да нè зајакне во нашите способности за да можеме да го изразиме нашиот личен став и да го дадеме нашиот придонес кон одговорноста за верата и Црквата“. Цитирајќи од посланието на светиот апостол Павле до Римјаните, ги потсети дека „не сме робови, туку синови и ќерки Божји“ и дека токму во Духот можеме да Му се обраќаме на Бога со зборовите: „Татко!“

Епископот Стојанов зборуваше и за присуството на Духот во создавањето и природата: „Бог оставил свој белег на целото создание… заштитата на природата всушност е заштита на животот“. Обраќајќи се кон младите, поттикна на доверба во Духот и во смислата на животот: „Каде што духовно слепите откриваат бесмисленост, таму верникот гледа смисла.“

На крајот, ги повика сите да останат верни на Црквата и даровите на Духот, во заедништво со Црквата, бидејќи „Светиот Дух ѝ бил ветен како Дух на вистината и љубовта.“

Во своето обраќање до првопричесниците, бискупот Стојанов ја истакна важноста на денот, потсетувајќи дека „Првата Причест е значаен настан во секоја парохија. Затоа и оваа ваша Причест е значаен настан за оваа наша заедница.“

Објаснувајќи ја суштината на Евхаристијата, бискупот нагласи: „Евхаристијата не ја измислиле свештениците, епископите или папите. Неа ја востанови самиот Исус Христос на Тајната вечера.“

Преку симболиката на лебот и виното, додаде, Исус не повикува на гозба и заедништво: „Исус зел леб – знак на живот, и вино – знак на радост, за да ни покаже дека сака да имаме живот и тоа во изобилство.“

„Исус е нашиот живот и нашата радост,“ го заврши епископот своето обраќање до првопричесниците, „затоа доаѓаме на Литургија да се причестиме со Него, да се причестиме со Телото и Крвта на Исус Христос, кој е живот и радост наша..“

„Нашите срца се немирни сè додека не се смират во Бога“ – истакна бискупот Киро Стојанов, обраќајќи се на родителите и кумовите на децата кои денес се првопричесници и миропомазаници, истакнувајќи дека Првата света Причест и Миропомазанието не се крај на обврските на родителите и кумовите, туку почеток на животот во вера.

Посебно се обрати на родителите, охрабрувајќи ги да продолжат да ја пренесуваат верата на своите деца: „Вистински верувам дека најскапоценото нешто што можете да им го дадете на вашите деца е верата во Бога и Исус Христос.“ Бискупот ги повика родителите да им го покажат на децата Бог како постојан извор на надеж: „Кажете му на вашето дете: постои некој на кого секогаш можете да се потпрете… тоа е нашиот Небесен Отец, неговиот Син Исус Христос и Духот Божји кој нè води.“

На крајот, на сите им посака: „Сѐ повеќе и повеќе да откривате дека Исус е вистинскиот ваш пријател – и како таков останува преку целиот ваш живот.“

За време на светата Литургија пееше Катедралниот хор под водство на Јулија Неловска, придружуван на оргули од Филип Костов.

Во сабота вечерта, епископот Стојанов имаше катехетска средба со миропомазаниците.

Категорија: Вести, Македонија

За авторот