Прва Причест во парохијата „Свети пророк Илија“ во Радово

Прва Причест во парохијата „Свети пророк Илија“ во Радово

Во недела, 14 јуни 2026 година, по повод празникот Пресвета Евхаристија и Првата Причест во парохијата „Свети пророк Илија“ во Радово, Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монс. д-р Киро Стојанов служеше света архиерејска Литургија.

Со епископот Стојанов сослужуваа протоереј ставрофор о. Зоран И. Стојанов, директор на Македонски Каритас, о. Илија Стојанов, парох во Радово, о. Ванчо Назов, парох во Сарај и Чанаклија, о. Ристо Самарџиски, парох во Гевгелија, и о. Атанас Сирачев, парохиски викар во Радово. На светата архиерејска Литургија ѓаконираше ѓаконот Спасе Спасов.

Пред почетокот на светата Литургија се одржа свечена процесија околу црквата со Светата Причест. Во проповедта, епископот Стојанов се осврна на традицијата и симболиката на евхаристиските процесии, истакнувајќи дека преку нив Христовото присуство во Светата Евхаристија се навестува на сите четири страни на светот.

Осврнувајќи се на евангелскиот текст во кој Исус говори за лебот што слезе од небото, епископот потсети дека Евхаристијата е средиште на христијанскиот живот и дека верниците се повикани со вера да пристапуваат кон Христос присутен во Светата Причест.

Посебен дел од проповедта епископот Стојанов посвети на првопричесниците. Тој истакна дека овој ден е голема радост за децата кои првпат Го примаат Господ Исус Христос во Светата Причест, но и за нивните семејства, за парохијата и за целата црковна заедница. Тој порача дека овој ден е радост и за самиот Исус, Кој со љубов копнее за душите на децата.

Во таа пригода, епископот изрази благодарност до свештениците, вероучителите, семејствата и сите кои ги подготвувале децата за овој важен чекор во нивниот духовен живот. Тој упати благодарност и до сестрите Евхаристинки за нивното служење, посветеност и љубов кон Светата Евхаристија.

Свеченото литургиско славење продолжи со рецитал и заедништво.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот