Перу трајно ќе ги одбележи активностите на папата Лав XIV во таа земја

Перу трајно ќе ги одбележи активностите на папата Лав XIV во таа земја

Перуанската влада, во соработка со Црквата и со приватниот бизнис-сектор, започна проект за трајно обележување на местата на делување на Роберт Превост, сегашниот папа Лав XIV, во таа земја.

Проектот со наслов „Патиштата на папата Лав XIV“ (Caminos del Papa León XIV) опфаќа 38 места во четири покраини каде што Роберт Превост оставил значаен духовен и пастирски белег како мисионер, душегриженик и бискуп. Станува збор за заедничка иницијатива на перуанската централна власт, регионалните и локалните управи, Црквата и приватните претприемачи. Централната влада во Лима за подготовка на проектот одвоила околу девет милиони евра.

Перуанската претседателка Дина Болуарте, при официјалното претставување на проектот во Чиклајо, повика на „национална иницијатива за мир“. Таа истакна дека проектот е израз на заедничка посветеност на верата, развојот и општествената кохезија. Туристичката рута има за цел не само да ги поврзе местата, туку преку сеќавањето да ги поттикнува верата и надежта на народот кој постојано сонува и денес со гордост може да рече: „Имаме папа Перуанец“. Папата Лав XIV е роден, пораснал и се образувал во Соединетите Американски Држави, но најголемиот дел од своето свештеничко и бискупско служење го остварил во Перу.

Според зборовите на перуанската претседателка, целта на проектот е поттикнување на духовни средби и истовремено унапредување на културното и природното наследство на перуанските региони Ламбајеке, Ла Либертад, Пјура, Калао и Апуримак, подрачја каде што Превост служел како мисионер и бискуп. Болуарте најави и инфраструктурни зафати, како обновата на музејот Сикан и катедралата во Чиклајо. Локалните власти во тој град планираат таму да подигнат споменик на папата Лав XIV висок 6,5 метри. Според гувернерот на Ламбајеке, Хорхе Перез Флорес, изработката на споменикот ќе биде финансирана од регионалниот буџет, а изградбата треба да започне во наредните месеци.

Августинецот Роберт Превост, сегашниот папа Лав XIV, долг период служел во Перу, каде што осум години бил и бискуп на Чиклајо. Од 2015 година покрај американското поседува и перуанско државјанство.

Ика/к.мк

Категорија: Вести, Свет

За авторот