Во Радово, на 2 август 2025 година, Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епископ, монс. д-р Киро Стојанов, ја предводеше свечената архиерејска Литургија по повод патрониот празник на парохиската црква посветена на свети пророк Илија. Со него сослужуваа парохот о. Илија Стојанов и деканот о. д-р Зоран И. Стојанов, и свештеници од Струмичко-скопска епархија, Хрватска и САД.
Заедно со бројните верниците од Радово на светата Литургија присуствуваа верници од дијаспората, кои токму за празникот се вратија во родното Радово.
Во својата хомилија, бискупот Стојанов нагласи дека свети пророк Илија е еден од поголемите ликови во Стариот Завет – човек на голема вера, но и со човечка слабост. По големата победа над лажните пророци, еден заканувачки збор бил доволен да го фрли во очај. Овој момент на внатрешна борба, рече бискупот, го прави Илија близок на многумина денес кои се соочуваат со безнадежност, страв и внатрешна празнина.
„Но Бог не го напушта Илија – токму во пустината му испраќа ангел со леб и вода“, подвлече бискупот, истакнувајќи дека тоа е симбол за Божјата близина и грижа. „Во најтешките мигови, потребно е Божјото присуство и близина.
Истовремено, бискупот ја нагласи важноста да се препознае Бога во „гласот на тишината“, како што направи пророкот Илија. „Бог не секогаш доаѓа во бурата, огнот или земјотресот. Тој доаѓа тивко, ненаметливо, но моќно. И тогаш кога мислиме дека сè е завршено, Тој ни покажува дека сè уште има пат пред нас.“
На крајот, епископот ги охрабри верниците: „Нека овој парохиски празник биде потсетник дека и во најтешките моменти, Бог е со нас. Ако сме во пустина, темнина или очај, да го послушаме тивкиот глас: ‘Станете и јадете’. Пред нас е ново патување. Не сме сами. Бог е со нас.“
Парохот отец Илија Стојанов се заблагодари на сите оние кои придонесоа во подготовките на патрониот празник
По Литургијата епископот го благослови агапето подготвено од црковниот одбор.
к.мк