Пасторални насоки од бискупот Стојанов во периодот на Испразнет Апостолски Престол

Пасторални насоки од бискупот Стојанов во периодот на Испразнет Апостолски Престол

Монсињор Киро Стојанов, на Светол Вторник, 22 април 2025 година, упати пасторални насоки до свештенството на Скопска бискупија и Струмичко-скопска епархија за периодот на Испразнет Апостолски Престол, кои ги пренесуваме во целост:

Почитувани браќа свештеници,

Со надежта која ја имаме во Воскресението на нашиот Господ Исус Христос, ве повикувам да се придружиме со Црквата во светот во молитвите за упокојување на нашиот Свет Отец, папата Фрањо. Во оваа јубилејна година, која тој самиот ја прогласи нé повика да имаме надеж во сите ситуации од животот – надеж која не разочарува. Светиот Отец се упокои додека Црквата се радува на Воскресението Христово, кое пак не потсетува дека смртта не е крај, туку премин кон вечниот живот.

Како пастир на оваа месна Црква ги упатувам следниве насоки за да ги живееме овие денови во молитвена повлеченост и достоинствено да одговориме вo духот на заедништво и верата на Црквата во воскресението.

  1. Погребението на Светиот Отец папата Фрањо ќе се изврши во сабота на 26 април 2025 година во 10 часот;
  2. Во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, во петок на 25 април 2025 во 18 часот, Месниот Ординариј ќе служи света Литургија за покој на душата на папата Фрањо;
  3. Во овој период на Испразнет Апостолски Престол името на папата Фрањо не се споменува во литургиските молитви, но во периодот до погребението нека се додаде неговото име во молитвите за покојните;
  4. Во сите цркви во Скопска бискупија и Струмичко-скопска епархија нека се служи света Литургија задушница за папата Фрањо, ден пред погребението или на самиот ден на погребение;
  5. На Бела недела односно Томина недела, 27 април 2025 година, на сите Литургии нека се зборува за 12 годишното верно служење на папата Фрањо на Црквата и нека се моли за упокојување на неговата душа;
  6. На денот на погребение, кога ќе започне обредот во Рим, во сите цркви нека се огласат камбаните за покоен;
  7. Препорачувам во овој период до погребението во сите цркви на начин соодветен на пасторалната реалност да се моли за душата на папата Фрањо.

За додатни информации ќе бидете благовремено информирани.

Да молиме Пресвета Богородица, Мајка на Црквата, да го претстави пред својот Син.

Со благослов,

+ Киро Стојанов

Скопски бискуп и Струмичко-скопски епарх

Категорија: Вести, Македонија

За авторот