Папа: Можеме да им оддадеме почит на загинатите во војната со прекин на огнот и застапување на мирот
На крајот од молитвата Ангел Господов, Папата им се заблагодари на сите оние кои се посветени на градењето мир во земјите каде што непријателствата растат. Тој се осврна на Филипините, кои беа погодени од тајфунот Фунг-вонг, и се придружи на пораката на италијанските бискупи по повод националниот Ден на благодарноста, повикувајќи на грижа за земјата и борба против фрлањето храна.
Папата Лав XIV, во недела 9 ноември 2025 година, на крајот од молитвата Ангел Господов, се осврна на страдањата на цивилите, децата, старите лица и болните кои се погодени од насилни конфликти и повика на прекин на непријателствата. Ја изразувам мојата искрена благодарност до сите оние кои, на сите нивоа, се посветени на градењето мир во различните делови од светот погодени од војна – рече Светиот Отец, додавајќи:
Во изминатите денови се молевме за починатите, меѓу кои, за жал, има многумина кои беа убиени во конфликти и бомбардирања, вклучувајќи многу цивили, деца, стари лица и болни. Ако навистина сакаме да им оддадеме почит, мора да се залагаме за прекин на огнот и да ги вложиме сите наши напори во преговори.
Молитва за Филипините
Потоа, Римскиот епископ се осврна на Филипините, погодени од тајфунот Фунг-вонг, еден од најсилните во овој период, што доведе бројот на евакуирани луѓе да достигне 1,2 милиони. Папата ја вети својата близина и молитви за сите загинати и нивните семејства, за ранетите и раселените лица.
Денот на благодарноста
Петровиот наследник на крајот потсети на национален Ден на благодарноста, кој италијанската Црква го слави за да му се заблагодари на Господ и да ја истакне важноста на плодовите на земјата, грижата за животната средина и оние кои работат на неа:
Се приклучувам кон пораката на епископите кои поттикнуваат одговорна грижа за земјата, борба против фрлањето храна и примена на одржливи земјоделски практики. Му благодариме на Бога за нашата сестра, Мајката Земја, и за сите оние кои ја негуваат и ја штитат.
Ватикан њуз/к.мк

