Папата Лав XIV упати апел за прекин на трагедијата на војната, особено во Блискиот Исток, потсетувајќи дека војната само ги продлабочува проблемите и остава длабоки рани, без да донесе трајни решенија.
„Алармантни вести и натаму пристигнуваат од Блискиот Исток, особено од Иран“, рече папата Лав во своето обраќање во недела 22 јуни 2025 година, по молитва Ангел Господов.
Зборовите на Светиот Отец беа изговорени само неколку часа откако американски бомбардери извршија напади врз нуклеарни постројки во Иран, додека Израел и Иран продолжуваат со воени дејства на териториите на другата страна.
„Во ова драматично сценарио, кое ги опфаќа Израел и Палестина,“ продолжи Папата, „секојдневните страдања на населението – особено во Газа и другите територии – се изложени на ризик да бидат заборавени, иако потребата за соодветна хуманитарна помош станува сè поитна.“
„Денес, повеќе од кога било, човештвото вика и моли за мир“, нагласи тој.
Папата истакна дека повикот за мир „бара разум и одговорност, и не смее да биде задушен од вревата на оружјето, ниту од реторика што поттикнува раздор.“
Тој ги повика сите членки на меѓународната заедница да ја преземат својата морална обврска и „да ја запрат трагедијата на војната пред таа да прерасне во непоправлива бездна.“
„Кога станува збор за човечкото достоинство,“ рече Папата, „ниеден конфликт не е далечен. Војната не ги решава проблемите – напротив, ги продлабочува и остава длабоки рани во историското ткиво на народите, рани за чие заздравување се потребни генерации. Ниту една воена победа не може да ја надомести болката на мајката, стравот на детето или иднината што им е одземена на невините.“
На крајот, папата Лав XIV изрази надеж дека ќе запре вревата на оружјето.
„Нека дипломатијата го замолчи оружјето!“ повика тој. „Нека народите ја градат својата иднина преку дела на мир, а не преку насилство и крвави судири!“
Ватикан њуз/к.мк