Папата Лав XIV: Храброста на Стефан нека ги охрабри оние што страдаат за христијанската вера
По молитвата Ангел Господов, потсетувајќи на денешниот празник, кој го слави првиот маченик во христијанската историја, Папата ги охрабри оние кои се вклучени во конфликти да го следат неговиот пример на нежност и простување со цел да се промовира дијалогот, помирувањето и мирот.
Нежноста што не се повлекува пред насилството. Храброста што, во страдањето, го крева погледот кон небото и му се доверува, како и силата да им се прости на оние кои го прекинуваат животот. Тоа е духовното наследство на Свети Стефан, првиот маченик во историјата на христијанството, кого го одбележуваме во Црквата на 26 декември, кое беше во срцето на поуката на папата Лав XIV до верниците собрани на плоштадот Свети Петар по молитвата Ангел Господов.
Благост, храброст и простување
Откако повторно посака мир и спокојство во светлина на раѓањето Господово, Папата се помоли за застапништвото на Свети Стефан за да ја поддржи верата на секој човек и заедница кои најмногу страдаат за своето христијанско сведоштво. Тој додаде:
Неговиот пример на благост, храброст и простување нека ги придружува сите кои во конфликтни ситуации се стремат за промовирање на дијалог, помирување и мир.
Насилство на зборови
Папата веќе се осврна на загрижувачкиот секојдневен прогон на христијанските заедници во своето пладневно обраќање на 16 ноември, објаснувајќи дека тоа не се покажува само преку оружје и злоупотреба, туку и преку зборови, односно преку лаги и идеолошка манипулација.
Особено кога сме угнетувани од овие физички и морални зла, повикани сме да сведочиме за вистината што го спасува светот, за правдата што ги спасува народите од угнетување, за надежта што го покажува патот кон мир за сите.
Маченици, примери за „разоружена надеж“
Иако свети Стефан е првиот маченик на Црквата, низ историјата по него застанаа безброј сведоци на верата. Потсетувајќи се на 14 септември на сите оние кои во 21 век ги положија своите животи за Христос, папата Лав XIV ги нарече светли примери на „разоружена надеж“ – луѓе кои не се потпираа на сила или насилство, туку ја прифатија слабата и блага сила Евангелието. Тие се квасецот на помиреното и братско човештво.
Области кои страдаат од прогон
„Ако еден член страда, сите членови страдаат со него.“ Со овој цитат од Првото послание на Свети Павле до Коринтјаните, Папата се обрати на делегацијата на Папската фондација „Помош на црквата во неволја“ на 10 октомври, привлекувајќи внимание на зголеменото непријателство и насилство што се врши против различни верски заедници. Во оваа прилика, тој спомена неколку области особено погодени од оваа неволја, како што се Централноафриканската Република, Буркина Фасо, Мозамбик и Перу.
Ватикан њуз/к.мк

