Папа Лав XIV: Со секојдневно вежбање во љубовта го градиме новиот свет

Папа Лав XIV: Со секојдневно вежбање во љубовта го градиме новиот свет

На празникот Пресвета Троица, во недела 15 јуни 2025 година, папата Лав XIV. ја предводеше светата Литургија во ватиканската базилика по повод Јубилејот на спортот, кој, како што рече, претставува „драгоцено средство за човечка и христијанска формација“, бидејќи нè учи на соработка и на вредноста на конкретното заедништво. Потсети и на едноставниот и светол пример на животот на Пјер Џорџо Фрасати – заштитник на спортистите – кој на 7 септември ќе биде прогласен за светец, како и на зборовите на папата Павле VI. за придонесот на спортот за мирот и надежта во општество разрушено од војна.

На литургијата по повод Јубилејот на спортистите во базиликата Свети Петар, папата Лав XIV. го поврза наизглед неповрзливото – Пресветата Троица и спортот. Тој рече: „Соединувањето на Тројството и спортот можеби не е вообичаено, но не е ни несоодветно. Имено, секоја добра човечка активност во себе ја носи одразената убавина на Бог, а спортот несомнено припаѓа на тие активности. Меѓу другото, Бог не е статичен, ниту затворен во себеси. Тој е заедништво, жив однос меѓу Отецот, Синот и Светиот Дух, отворен кон човештвото и светот. Теологијата оваа реалност ја нарекува перифореза, што значи игра на взаемна љубов.“

Папата потсети дека црковните отци оделе дотаму што зборувале за Deus ludens – Бог Кој си игра. „Затоа, спортот може да ни помогне да го сретнеме Троичниот Бог: затоа што бара движење на ‘јас’ кон другиот – надворешно, но пред сè внатрешно“, додаде тој, и продолжи: „Без тоа, спортот се сведува на бесплодна трка на себичности. Не станува збор само за физичка извонредност, туку за самодарување заради другите – за сопствениот раст, за поддржувачите, за ближните, тренерите, соработниците, публиката, па дури и за противниците. Ако си вистински спортист, тоа вреди без оглед на резултатот.“

Се потсети и на свети Иван Павле II, кој рече дека „спортот е радост на живеењето, игра, славење, и токму поради тоа треба да се вреднува преку повторното откривање на неговата бесплатност, способноста да создава пријателства, да поттикнува дијалог и отвореност кон другите.“

Затоа Светиот Отец истакна три посебни аспекти поради кои спортот денес претставува драгоцено средство за човечка и христијанска формација: „Прво, во едно општество обележано со осаменост, каде пренагласениот индивидуализам го поместува тежиштето од ‘ние’ кон ‘јас’, занемарувајќи го другиот, спортот – особено тимскиот – нè учи на вредноста на соработката, заедничкиот чекор, на тоа споделување што, како што рековме, се наоѓа во самото срце на Божјиот живот. Тој може да стане значајно средство за помирување и средба: меѓу народите, во заедниците, училиштата и на работните места, па дури и во семејствата.“

Како втор аспект, Папата нагласи дека во сè подигитализираното општество, каде што технологијата, иако ги зближува далечните, често ги оддалечува блиските, спортот ја вреднува конкретноста на заедничкото присуство, и против искушението на бегството во виртуелните светови, помага да се задржи здрав допир со природата и со реалниот живот.

„Трето, во натпреварувачко општество, каде изгледа дека само силните и победниците заслужуваат да живеат, спортот нè учи и како да губиме, соочувајќи го човекот – во уметноста на поразот – со една од најдлабоките вистини за неговата состојба: со кревкоста, ограниченоста и несовршеноста. Прваците не се безгрешни машини, туку мажи и жени кои, дури и кога паѓаат, наоѓаат храброст повторно да станат.“

Принесување на даровите за време на Литургијата

Најавувајќи дека на 7 септември за светец ќе биде прогласен блажениот Пјер Џорџо Фрасати, заштитникот на спортистите, Папата рече дека „неговиот едноставен живот нè потсетува дека никој не се раѓа ниту како првак, ниту како светец. Тоа е секојдневно вежбање во љубовта што нè приближува до конечната победа и нè оспособува за градење на новиот свет.“

„Драги спортисти, Црквата ви ја доверува оваа прекрасна мисија: преку вашите активности да бидете одраз на љубовта на Троичниот Бог – за ваше лично добро и за доброто на вашите браќа и сестри. Дозволете таа мисија да ве понесе со воодушевување: како спортисти, како тренери, како заедници и како семејства.“

„Да ја молиме Пресвета Богородица да ги придружува нашите напори и секогаш да ги насочува кон подобро – сè до најголемата победа: вечната, на ‘бескрајното игралиште’ каде што играта никогаш нема да престане и каде радоста ќе биде потполна“, заврши Светиот Отец.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот