Папа Лав XIV: Светите Луј и Зелија Мартин — спротивно на негативните модели на заедништво

Папа Лав XIV: Светите Луј и Зелија Мартин — спротивно на негативните модели на заедништво

Во порака до епископот од Сез, бискупијата каде што се слави десетгодишнината од канонизацијата на родителите на Света Тереза на Детето Исус, папата Лав XIV ги опишува како примерен и длабоко среќен брачен пар, кој покажува дека во овие проблематични и збунувачки времиња семејството, како што го замислил Создтаелот, не е ниту застарено ниту здодевно. Папата ги повикува паровите денес да го стават Исус во центарот на своите активности и одлуки.

Светите Луј и Зелија Мартин, родители на Света Тереза на Детето Исус, се примерен брачен пар кој сведочи за неискажливата среќа и длабоката радост што Бог им ја дарува на оние кои се стремат да одат по патот на верноста и плодноста. Вака папата Лав XIV ги опишува во пораката упатена до монс. Бруно Фејет, бискуп од Сез, по повод десетгодишнината од нивната канонизација, која се одржа во октомври 2015 година, на барање на папата Фрањо, за време на Епископската синода за семејството.

Прослави во Аленсон

Овој викенд, во светилиштето во Аленсон, во бискупијата Сез, семејства, брачни парови, самци и деца се поканети да ја прослават десетгодишнината од нивната канонизација преку моменти на молитва, предавања и работилници. Светиот Отец им се придружува со своите мисли и молитви на верниците собрани во градот каде што Мартинови го осветија својот брачен живот. Во градот Аленсон, во северозападна Франција, Зелија и Људевит се запознале, се венчале и имале девет деца. Нивните пет ќерки станале монахињи, меѓу кои и најмладата, Света Тереза на Детето Исус, која папата Пиј XI ја прогласи за заштитничка на мисиите во 1927 година.

Првата канонизирана брачна двојка

Брачниот пар Мартин бил првиот брачен пар прогласен за свети, а нивното канонизирање е од особено значење бидејќи го истакнува бракот како пат кон светоста — забележува Римскиот епископ, нагласувајќи дека меѓу звањата на кои Бог ги повикува мажите и жените, бракот е едно од најблагородните и највозвишените. За време на нивната беатификација во 2008 година, кардиналот Мартинс истакна дека Људевит и Зелија сфатиле дека можат да се осветат не покрај бракот, туку преку бракот, во бракот и со бракот, и дека нивниот брак треба да се смета за почетна точка на заедничко искачување кон светоста.

Модел и поддршка за денешните брачни парови

Затоа Петровиот наследник во својата порака изразува желба десетгодишнината од нивното канонизирање да биде можност подобро да се запознае животот и заслугите на овие извонредни сопружници и родители, предлагајќи ги како прекрасен и инспиративен модел за верните парови, но и како поддршка за семејствата кои понекогаш се кревки и во искушение. Размислувајќи за нивниот христијански начин на живот, Светиот Отец го истакнува фактот дека Луј и Зелија не се повлекле од светот на својот пат кон светоста, туку биле „светци од соседството“, ангажирани во нормандиското општество преку парохиски и професионални активности, каритативни дела, пријателства и семеен живот. Денес во Аленсон ходчесниците можат да ја видат околината на нивниот секојдневен живот — навидум обична, но исполнета со извонредното присуство на Бога. Тие го изградија целиот свој живот врз мотото „Бог прво“ — се наведува во пораката на Папата од 1 октомври, кога се слави денот на споменот на нивната ќерка, Света Тереза на Детето Исус и Светото Лице.

Пример за верност и грижа за другите

Светиот Отец ја повикува Црквата да им ја претстави оваа примерна брачна двојка на младите луѓе кои можеби се двоумат да се впуштат во таква прекрасна авантура:

Пример на верност и меѓусебно внимание, пример на ревност и истрајност во верата, христијанско воспитување на децата, великодушност во извршувањето дела на љубовта и социјалната правда, но и пример на доверба во искушенијата…

Римскиот епископ нагласува дека нивното најзначајно сведоштво е неискажливата среќа и длабоката радост што Бог им ја дарува, и овде на земјата и во вечноста, на оние кои се стремат да одат по овој пат на верност и плодност.

Спротивставување на лажни модели на заедништво

Во овие тешки и збунувачки времиња, во кои на младите им се нудат толку многу негативни модели на заедништво — честопати минливи, индивидуалистички и себични, со горчливи и разочарувачки плодови — семејството, како што го замислил Создателот, може да изгледа застарено и здодевно. Но, Петровиот наследник нагласува:

Људевит и Зелија Мартин сведочат дека ова не е вистина: тие биле среќни — длабоко среќни! — давајќи живот, ширејќи и пренесувајќи ја верата, гледајќи ги своите деца како растат и напредуваат под погледот Господов.

Помогнете им на вашите деца да ја откријат љубовта на Исус

Папата Лав XIV, исто така, потсетува на нивните заеднички оброци по светата Литургија, на моментите на молитва и слушање, и нагласува:

Каква утеха е да бидеме заедно во искушенијата, обединети со Крстот Христов кога Тој се појавува во животот; каква надеж дека еден ден повторно ќе се обединиме во небесната слава!

Светиот Отец затоа ги повикува брачните парови храбро да истраат на патот што го започнале — пат кој понекогаш е тежок и комплициран, но светол — и ги охрабрува да го стават Исус во центарот на своите семејства, своите одлуки и секојдневниот живот:

Помогнете им на вашите деца да ја откријат неговата бесконечна љубов и нежност; помогнете им и тие да го засакаат, онака како што заслужува. Тоа е големата порака што Људевит и Зелија ни ја оставија за сегашноста, а која на Црквата и на светот толку им е потребна денес.

Како можела малата Тереза толку многу да ги сака Исус и Марија и да ни пренесе толку возвишено учење, ако тоа претходно не го научила од своите родители уште од најрана возраст? — заклучува Папата во пораката, доверувајќи ги сите семејства под заштитата на светите Луј и Зелија Мартин и Света Тереза на Детето Исус.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот