Еден ден по канонизацијата на седум нови светци – меѓу кои маченици, монахињи и лаици – Папата ги прими на аудиенција верниците кои по тој повод дојдоа во Ватикан, дури и од далечни земји. Ги охрабри да го следат нивниот пример за да донесат помирување во Ерменија, единство во Венецуела и достоинство за сите луѓе.
„Мажите и жените што ги канонизиравме вчера се светли знаци на надеж за сите нас, бидејќи ги дадоа своите животи од љубов кон Христос и своите браќа.“
Така, папата Лав XIV ги изложи, на италијански, англиски и шпански јазик, животите на седумте нови светци канонизирани во недела, 19 октомври 2025 година, на плоштадот „Свети Петар“. Нивните животи станаа извонредни благодарение на Божјата љубов што ги вдахновуваше и ги одржуваше во нивната посветеност на најранливите, во одбраната на вистините на верата и љубов што не се откажува пред тешкотиите. Примајќи ги во понеделник, 20 октомври, во Апостолската палата ходочесниците кои дојдоа за канонизацијата на мачениците Петар Тоа Рот и епископот Игнасио Чукралах Малојан, монахињите Марија Тронкати, Винченца Марија Паолони и Кармен Рендилес Мартинез, и лаиците Бартоло Лонго и Хозе Грегорио Ернандез Сиснерос, Папата од секој од нив извлече порака која важи за нашето време – особено пред лицето на социјалната неправда.
Плодовите на мирот и помирувањето во Ерменија
„Пастир по Срцето Христово“ – со овие зборови папата Лав го опиша ерменскиот епископ и маченик Игнатиј Чукралах Малојан, пастир кој го штител своето стадо, кој не се откажал од верата во замена за слобода и кој умрел со маченичка смрт за Бога.
„Ова ме тера со љубов да размислувам за ерменскиот народ, кој резба крстови во камен како знак на нивната непоколеблива вера. Нека застапништвото на новиот светец го обнови ентузијазмот кај верниците и донесе плодови на помирување и мир за сите.“
Заштитете ги вистините на верата
Едноставен катехист со извонредна храброст, способен да ја истакне вистината дури и кога мора да се крие – тоа е свети Петар Тоа Рот. Папата го претстави како пример за длабока вера во Нова Гвинеја, кој им се спротивставил на окупаторските сили за време на Втората светска војна, особено кога тие ја дозволиле полигамијата. Тој бил човек што целосно му се предал на Бога во молитва.
„Нека примерот на свети Петар Тоа Рот нè охрабри да ги заштитуваме вистините на верата, дури и по цена на лична жртва, и секогаш да му се доверуваме на Бога во нашите искушенија.“
Деца и браќа од Венецуела
Потсетувајќи на светите ликови на Хозе Грегорио Ернандез – „докторот на сиромашните“ – и на Кармен Рендилес, основачка на Конгрегацијата на слугинките на Исус, папата Лав XIV се повика на писмото на венецуелските епископи, кои во радоста за канонизацијата посакаа таа да стане силен поттик за целото население на Венецуела да се обедини и да се препознае како деца и браќа на истата татковина, размислувајќи за сегашноста и иднината во светлината на крепостите што овие светци херојски ги живееле.
Крепост – нова светлина
Папата особено се задржа на крепостите: пред сè на верата, способна да го преобрази секојдневниот живот во светилка што осветлува сè со нова светлина; на надежта, која нè охрабрува да тежнееме кон конкретни, а не минливи и недостојни цели; и на љубовта, која ни помага да ја пронајдеме вистинската смисла на животот и нè повикува да го градиме преку служење, особено на болните, сиромашните и најмалите.
Брат кој треба да се почитува и сака
Гледајќи кон сегашноста, Светиот Отец охрабри да ги набљудуваме луѓето како нас – со проблеми што не ни се туѓи – и да го разбереме значењето на светоста:
„Поаѓајќи од претпоставката дека секој што живее до мене – кој е како мене, како нив – е повикан на истата светост, треба да го гледам пред сè како брат кој треба да биде почитуван и сакан, кој го дели животниот пат, се поддржува еден со друг во тешкотиите и радосно го гради Царството Божјо заедно.“
Светоста цвета во служењето на најслабите
Примери за љубов и посветеност кон другите се наоѓаат во животот на салезијанската светица сестра Марија Тронкати, која го посветила својот живот на домородното население во Еквадор со своето медицинско знаење, и сестра Винченца Марија Паолони, основачка на Сестрите на милосрдието, вдахновена од љубовта кон болните и маргинализираните.
„Сестра Тронкати е пример за милосрдие што не се откажува пред тешкотиите, туку ги претвора во можности за целосно и дарување на самата себе. Сестра Паолони, која ја негувала својата побожност на општеството со длабока маријанска духовност, нè учи да истраеме во секојдневното служење на најранливите,“ – забележа и нагласи Папата Лав XIV: „Таму цвета светоста на животот.“
Апостол на Бројаницата
На крајот, зборувајќи за Бартоло Лонго, Папата потсети на неговото преобраќање – од човек далеку од Бога во живот исполнет со дела на милосрдие, поткрепен со љубов кон Марија. Тој охрабри Помпејското светилиште, основано од Лонго, да го зачува и шири ентузијазмот на овој – како што го нарече – „апостол на Бројаницата“.
„Од срце им ја препорачувам оваа молитва на сите: свештеници, монаси, семејства, млади луѓе. Размислувајќи за Христовите таинства со погледот на Марија, ден по ден го прифаќаме Евангелието и учиме да го живееме.“
На крајот, поздравувајќи ги поклониците, папата Лав XIV им посака да се вратат во своите земји со срца исполнети со благодарност и ревна желба да ги следат примерите на новите светци.
Ватикан њуз/к.мк