По молитвата Царице небесна, папата Лав XIV. изрази близина со подрачјата во светот погодени од конфликти и потсети на Денот на молитва за Црквата во Кина и кинеските католици: Марија нека измоли за нив и за нас благодат за да бидеме силни и радосни сведоци на Евангелието, дури и во средини на искушенија, со цел да се промовира мирот и слогата. Папата ја спомена и десетгодишнината од енцикликата „Laudato si’“ на папата Фрањо: Тој нè научи сите да го слушаме плачот на земјата и на сиромашните.
Нашата молитва ги опфаќа сите народи кои страдаат од војни; да повикуваме на храброст и упорност до оние кои се залагаат за дијалог и искрена потрага по мир.
Овој апел го упати папата Лав XIV. во недела, на 25 мај 2025 година, по молитвата Царице небесна – молејќи прв пат од прозорецот на Апостолската палата – од каде изрази близина и поддршка на сите кои страдаат од насилство и конфликти во светот, како и со сите кои се посветени за ставање крај на војните. Додека вестите за напади, смртни случаи, уништени домови и села продолжуваат да пристигнуваат од светот, првенствено од Газа и Украина, гласот на Папата одекна денес пред илјадници верници собрани на плоштадот „Свети Петар“.
Ден на молитва за Црквата во Кина: Да се сведочи Евангелието дури и во услови на искушенија
Светиот Отец го спомена и Денот на молитва за Црквата во Кина, кој беше одбележан вчера, сабота, 24 мај. Основан е од Бенедикт XVI. во 2007 година, и се слави на литургискиот спомен на Пресвета Богородица, Помошничка на христијаните.
Во црквите и светилиштата во Кина и низ целиот свет, се упатуваат молитви кон Бога како знак на грижа и љубов кон кинеските католици и за нивното заедништво со универзалната Црква. Застапништвото на Пресвета Марија нека им ја даде на нив и на нас благодатта да бидеме силни и радосни сведоци на Евангелието, дури и во средини на искушенија, за да можеме секогаш да го промовираме мирот и слогата.
Пред десет години е објавена енцикликата „Laudato si’“
Потоа Папата потсети на уште една важна годишнина: десетгодишнината од енцикликата „ Laudato si’“ на папата Фрањо, за грижата за нашиот заеднички дом, објавена на 24 мај 2015 година. Светиот Отец го истакна фундаменталното влијание што документот го има на петте континенти: се прошири извонредно, вдахновувајќи безброј иницијативи и поучувајќи ги сите да го слушаат двојниот крик на Земјата и сиромашните.
Папата им се обрати и на оние кои се вдахновени од енцикликата: „Го поздравувам и охрабрувам движењето „Laudato Si’“ и сите кои продолжуваат со таква посветеност“.
Примерот на новиот блаженик Станислав Костка Штрајх
Папата Лав XIV. на верниците им зборуваше и за примерот и сведоштвото на полскиот свештеник и маченик Станислав Костка Штрајх, кој беше беатифициран вчера во Познањ. Тој беше убиен од омраза кон верата во 1938 година, бидејќи неговата работа во име на сиромашните и работниците ги иритираше следбениците на комунистичката идеологија – истакна Папата.
Неговиот пример нека ги охрабри особено свештениците да се посветат великодушно на Евангелието и на своите браќа и сестри.
Ватикан њуз/к.мк