Папата Лав XIV изјави дека неговата основна улога како поглавар на Црквата е да ги потврдува католиците во нивната вера и да го споделува Евангелието со светот, а не да решава глобални кризи.
Во разговор со Елис Ен Ален, главен дописник на Crux, во првото интервју по неговиот избор, Лав исто така рече дека се обидува „да не поларизира или да промовира поларизацијата во Црквата“.
Првото официјално интервју како папа Лав го даде во рамките на биографијата „Лав XIV: Граѓанин на светот, мисионер на 21 век“ од Елис Ен Ален, која сега е објавена на шпански, а следната година ќе излезе на англиски.
„Не ја гледам мојата главна улога како решавач на проблемите во светот. Навистина, воопшто не ја гледам мојата улога така, иако мислам дека Црквата има глас, порака што треба постојано да се проповеда, да се изговара и тоа гласно,“ рече тој.
Чуствителни прашања
Во обемното интервју, првиот понтиф роден во САД објасни како планира да се справи со проблематичните теми во Црквата, вклучувајќи го својот пристап кон дебатите за ЛГБТ, можноста за жени ѓакони, синодалноста и традиционалната латинска Миса.
Лав рече дека е свесен дека учењето на Црквата за сексуалниот морал е тема што силно поларизира, и иако ги прима сите во Црквата, не планира промени — барем не во блиска иднина.
Со намера да продолжи во континуитет со отворениот пристап на папата Фрањо, тој рече: „Сите се повикани внатре, но не повикувам личност затоа што е или не е од некаков специфичен идентитет.“
„Луѓето сакаат учењето на Црквата да се промени, сакаат ставовите да се променат. Мислам дека прво мора да се променат ставовите, пред воопшто да размислуваме за промена на тоа што Црквата го кажува за кое било прашање,“ рече тој.
„Ми изгледа крајно неверојатно, барем во блиска иднина, дека учењето на Црквата во однос на тоа што таа поучува за сексуалноста, што таа поучува за бракот, [ќе се промени],“ додаде тој.
„Личностите ќе бидат прифатени и примени,“ продолжи понтифот, нагласувајќи ја важноста на почитување и прифаќање на луѓе кои имаат поинакви избори во нивните животи.
„Веќе зборував за бракот, како што зборуваше и папата Фрањо кога беше папа, за семејството како маж и жена во свечен завет, благословени во Светата Тајна Брак,“ рече тој.
„Улогата на семејството во општеството, кое во последните децении често страдаше, повторно мора да биде препознаена и зацврстена,“ додаде Лав.
Тој ја критикуваше и објавата на обредот за благослов на „луѓе кои се љубат меѓусебно“ во земји од Северна Европа, нагласувајќи дека тие го прекршуваат упатството на папата Фрањо во Fiducia Supplicans.
„Мислам дека учењето на Црквата ќе продолжи како што е, и тоа е она што имам да кажам во моментов,“ изјави тој.
Друга промена што Папата рече дека засега нема да ја направи е да се дозволи ракополагање на жени ѓакони.
„Се надевам дека ќе продолжам по стапките на Фрањо, вклучително и во назначувањето жени на одредени раководни улоги на различни нивоа во животот на Црквата,“ објасни тој. „Мислам дека постојат претходни прашања што треба да се постават. … Зошто би зборувале за ракополагање на жени за ѓакони, ако самиот ѓаконат сè уште не е правилно разбран, развиен и промовиран во Црквата?“
Тој истакна дека постои студиска група во контекст на Синодата за синодалност, која специјално ја разгледува темата за службите во Црквата, вклучувајќи можен женски ѓаконат.
„Можеби постојат многу работи што мора да се разгледаат и развијат во овој момент, пред да можеме воопшто да преминеме кон другите прашања. … Ќе одиме по тој пат и ќе видиме што ќе произлезе,“ рече тој.
Лав ја опиша синодалноста, програмата на Фрањо за пошироки консултации за управувањето со Црквата и учењето надвор од хиерархијата, како „став, отвореност, подготвеност за разбирање“ и процес „на дијалог и почит едни со други“.
„Мислам дека постои голема надеж, ако можеме да продолжиме да градиме врз искуството од последните години и да најдеме начини да бидеме заедно Црква,“ истакна тој. „Да не се обидуваме да ја трансформираме Црквата во некаква демократска влада, бидејќи ако погледнеме многу земји во светот денес, демократијата не е совршено решение за сè.“
Тој ја изрази својата подготвеност да седне и да го сослуша секое гледиште, вклучително и поддржувачите на традиционалната латинска Миса — иако сè уште не одлучил како да ги реши тензиите околу нејзиното служење.
„Се претвори во прашање што е толку поларизирано, што луѓето често не сакаат да се слушаат едни со други. … Тоа само по себе е проблем. Тоа значи дека сме навлегле во идеологија, а веќе не сме во искуството на црковното општење. Тоа е едно од прашањата на дневниот ред,“ рече тој.
„Меѓу Тридентската Миса и Мисата на Вториот Ватикански собор, Мисата на Павле VI, не сум сигурен каде ќе оди тоа. Очигледно е многу сложено,“ додаде. „Се претвори во политичка алатка, и тоа е многу жално.“
Тој истакна дека наскоро ќе има можност да разговара со луѓе кои застапуваат за т.н. Тридентски обред на Мисата, веројатно во врска со годишното поклоничко патување на приврзаниците на латинската Миса во Рим на крајот од октомври.
Мисијата на Црквата
Лав рече дека друго прашање на неговиот дневен ред се однесува на внатрешните односи во Ватикан. Тој забележа дека моментално дикастериите работат на многу „изолиран начин“.
Го пофали новиот фокус на евангелизацијата во реформата на Римската курија од папата Фрањо преку апостолската конституција Praedicate Evangelium, но додаде дека сè уште има работа.
„Недостигот на дијалог, на инструменти за комуникација меѓу различните дикастерии понекогаш бил голема пречка и штета за управувањето со Црквата,“ рече тој.
„Мислам дека тоа е проблем. Некој ја употреби фразата ‘менталитет на силос’. … Треба да најдеме начин да ги собереме луѓето за да разговараат за тоа.“
Едно од прашањата со кое се занимава Куријата е кризата со сексуалната злоупотреба во клерот. Папата Лав рече дека додека тоа прашање сè уште не е решено, не може да биде единствен фокус на Црквата.
Тоа е предизвик да се најде рамнотежа меѓу помошта и правдата за жртвите и почитувањето на правата на обвинетите, рече тој. „Сме во некаков теснец таму.“
Лав го стави прашањето за сексуалната злоупотреба на клерот во контекст на неговиот поглед за пошироката улога на Црквата во светот: „Целата Црква не може да се насочи исклучиво на ова прашање, бидејќи тоа не би било автентичен одговор на она што светот го очекува во однос на мисијата на Црквата.“
Понтифот рече дека овој пристап кон мисијата на Црквата ќе влијае и на неговото однесување со Евреите, муслиманите и будистите. Тој рече дека е важно да има почит кон луѓе со различни верувања, но „многу силно верувам во Исус Христос и верувам дека тоа е мојот приоритет, бидејќи сум епископ на Рим и наследник на Петар, и Папата мора да им помогне на луѓето да разберат, особено на христијаните, католиците, дека ова сме ние. И мислам дека тоа е прекрасна мисија.“
При средбите со претставници на други религии, рече: „Не се плашам да кажам дека верувам во Исус Христос и дека Тој умре на крстот и воскресна од мртвите, и дека заедно сме повикани да ја споделуваме таа порака.“
Тој изрази и задоволство од она што го смета за подобрување на односите со еврејската заедница. Под водство на Фрањо, тие односи страдаа по нападот на Хамас од 7 октомври 2023 година и војната на Израел во Газа што следеше, поради силната поддршка на папата за Палестина.
„Можеби сум премногу дрзок,“ рече Лав, „но сметам дека веќе во првите неколку месеци од моето понтификат, односите со еврејската заедница како таква малку се подобрија.“
ЦНА/к.мк